Српските епидемиолози бараат ново заклучување

Во Србија, која е соочена со предупредувачки висок тренд на смртни случаи и нови инфекции во петтиот пандемиски бран, се погласни се барањата ковид-сертификатите, воведени минатата недела со примена од 22, да важат 24 часа, со поостро заклучување и пораки дека за епидемиолошките мерки мора да решаваат експертите, а не политиката.

Бројот на нови заразени од почетокот на септември е постојано над 5.000 на дневно ниво, а најмногу заразени од почетокот на пандемијата се регистрирани на 28 септември – 8.467.

Оваа вест изминативе денови ја пратат и извештаи од детските болници за четири бебиња кои се на респиратори. Во петокот вечерта во Сомбор како последица на белодробна емболија почина 13-годишно момче за кое беше потврдено дека има Ковид-19 пред еден месец.

Реакциите, критиките и предупредувањата на експертите за загрижувачката корона-статистика се движат од забелешки засновани на медицински показатели дека не се почитуваат научните основи на епидемиологијата, до политички проценки дека владата има демагогичен пристап кон пандемијата, сведен на грижа за тоа да не се изгубат гласачи, со заклучок дека се создаваат опасни поделби во општеството, во медиумите и јавниот живот.

Последното во низата предупредувања од професионалците беше изречено денеска, кога епидемиологот на Студентската поликлиника во Белград, др. Мила Пауниќ најави дека има зголемување на бројот на заразени студенти и дека не памети дека досега имале толкав притисок во ниеден бран, со предупредување дека се разболуваат се повеќе здравствени работници.

Категорично инсистирајќи дека нема сомнеж оти ковид-сертификатите мора да важат 24 часа на ден, Пауниќ рече дека за ситуацијата не смее да одлучува никој друг освен лекарите кои се дел од кризниот штаб.

„Значи, единствено лекар може да одлучи какви епидемиолошки мерки може да се применат во една земја во услови пандемија. Следен чекор ќе мора да биде затворање, затворање на три недели, а не две, за да се запре оваа ситуација што ја имаме“, посочи таа.

Исто така треба да се продолжи и со ковид-сертификатите и вакцинацијата во полн капацитет, нагласи Пауниќ.

Претходна вест13 починати од коронавирус и 495 новозаразени во последните 24 часа
Следна вестОграбена аптека на Бит Пазар