ССМ бара минимална плата од 450 евра

Владата да го исполни ветувањето за минималец од 450 евра кое го најави во првите 100 дена, порача денеска претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов. Тој рече дека Владата ветила дека во првите 100 дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра.

-Јас сум оптимист дека средбата ќе се случи поради тоа што ја знам силата на работниците. Ние работниците мораме да бидеме слушнати и мораме да кажеме што се потребите на работниците. Очекувам средбата да се случи како што ветија тие во првите 100 дена, а исто така имаме побарано дополнителна средба и на 2 септември со генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати Естер Линч која од 1 до 3 септември ќе ја посети Македонија и ќе биде гостин на ССМ, рече Трендафилов во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Како што кажа, во Црна Гора каде имаше минимална плата од 450 евра во наредниот период ќе има минимална плата од 600 евра за работниците со средно образование и 800 евра за оние со високо, во Бугарија минималната плата ќе биде 500 евра, во Србија и БиХ се преговара за 500 евра,.

Потсети дека ССМ во април има доставено барање за намалување на функционерските плати за 78 проценти, кое, како што кажа, стои затворено во фиока.

– Тоа што мене ме загрижува е што слушаме изјави од политичари дека доколку им се намали платата тие ќе ги напуштат нивните работни места. Тоа што нив треба да ги загрижува е дека доколку не се зголемат платите на работниците, работниците ќе си заминат од Македонија поради тоа што ќе имаат можност да работат во Црна Гора за 600 до 800 евра, во Бугарија за 500 евра, во Србија за 500 евра, БиХ за 500 евра, а да не зборуваме за Хрватска и за Словенија, рече тој.

Од ССМ по повод одбележувањето на 78 години постоење, побараа и враќање на Работничкиот дом на работниците и запрашаа дали е земено мито и за пресудата на Врховниот суд со кој се конфискувал Работничкиот дом, откако Трендафилов посочи дека еден од судиите кој го пресудил тоа е притворениот Наќе Георгиев.

Претходна вестТошковски: Сторителот на убиството кај „Мавровка“ е 39-годишниот Е.К. од Скопје
Следна вест„Левица“: Договорот со „Бехтел и Енка“ останува тајна – ДПМНЕ го погази ветувањето за декласификација