ССМ го оцени за несериозен и неодржлив на долг рок предлогот за пензионирање на 67 години

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го оцени за сериозно загрижувачки предлогот на Финансискиот совет за зголемување на границата за остварување на правото за старосна пензија на 67 години. Без волјата и потребата на работниците, оценуваат од ССМ, нивниот работен век не може да се продолжува и да се одложува заслуженото пензионирање како покритие за лошите политики долг период наназад.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во изјава за МИА го оцени предлогот на Фискалниот совет за несеиозен и рече дека ваквите избрзани мерки се неодржливи на долг рок.

-Доколку членовите на Фискалниот совет сакаат да помогнат во крпење на буџетот во Фондот за пензиско, можеби треба да почнат да плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување за сите нивни приходи што ќе претставува пример и за останатите кој треба да се следи!,вели Трендафилов.

Според претседателот на ССМ, потребни се мерки за зголемено вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места како резултат на нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, а со тоа и зголемување на средствата во Фондот за пензиско осигурување. За младите да се задржат да живеат и работат во земјава, како што вели Трендафилов, потребно е воведување на мерки за пристојна работа со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди.

Синдикатот бара и ангажман за трансформација на непријавената работа во пријавена, како и ангажман на инспекциските и други државни органи за наплата на социјалните придонеси во целост.

-Поради непријавената работа државата годишно губи 250 милиони евра кои остануваат во џебовите на газдите. Само на овој начин социјалните фондови можат и ќе станат реални и одржливи и ќе бидат вистинска заштита и сигурност за работниците и граѓаните во услови на болест, старост, невработеност, вели Трендафилов.

ССМ бара воведување на повеќе услови за пензионирање како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, бенефициран стаж за градежните работници и во дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија – по возраст или работен стаж – по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж.

Претходна вест„Зелен хуман град“ на 10 декември организира протестен марш за чист воздух
Следна вестОтворен час по физичко за децата со атипичен развој во општина Ѓорче Петров