Преку 2 милиони евра за косењето на тревата и кастрењето на дрвјата долж државните автопатишта во Македонија, 350.000 евра за одржувањето на зелените површини во скопската општина Аеродром. Ова се зделки коишто во изминатиов период ги склучиле прво ЈП Државни патишта, а потоа и градоначалник на Аеродром со приватни фирми. По толку, имено, државното претпријатие и оваа скопска општина планираат да потрошат за косењето на тревата, кастрењето на гранките, собирањето на отпадоците….
Малку или премногу за вообичаени и не толку сложени сезонски работи за кои не е потребен голем број на вработен и голема механизација? Случајот со јавната набавка од страна на Државни патишта неодамна го објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ со тврдење дека се работи за криминал, корупција, дека нешто што претходно било плаќано по значително поевтина цена сега ќе се плаќа и до 25-пати поскапо. Од државното претпријатие одговорија дека се работи за договор од две години, дека тоа не значело дека и сите пари ќе се потрошат… Ги кажаа и цените: 12 денари за метар квадратен искосена трева и плевел, 2.520 денари за сечење на дрва во патен појас, до 6.000 денари за собран кубик смет…
Деновиве, граѓаните, пак,м регаираат дека автопатите не се чисти, дека тревите не се искосени целосно, а некои делници не се прегледни и дека практично на терен работат само по двајца-тројца работници…
Скопската општина Аеродром, пак, се уште не одговори на обвинувањата на опозициската партија Левица дека договорот со приватната фирма тежок 350.000 евра е нова манипулација за трошење на народни пари. Последниве недели, пак, граѓаните во оваа општина многу реагираа на неискосените зелени површини и укажуваат дека таквото нешто за првпат се случува. Зошто досегашните работници не се ангажирани и годинава туку приватна фирма, нема објаснување.
Но, она што нема дилеми е дека за оваа намена државното претпријатие и скопската општина ќе потрошат (пре)многу пари. Дали е тоа оправдано, дали договорите треба да се со толку високи суми, треба да покажат анализите и споредбите со минатите тендери и начини на одржувањето на зеленилото. Вака, излегува дека косењето на тревите станува едне од најпрофитабилните бизниси во Македонија!? Дали е и реално така или зад тоа се крие нешто друго?