Тешка сообраќајна несреќа се случила синоќа на булеварот „Србија“ во скопската општина Аеродром. До незгодата дошло на крстосница кај крстот, каде што се спојуваат булеварите „Србија“ и „Трета македонска бригада“. Неофицијално, се судриле три возила, од кои едното е преполовено од силината на ударот. Несреќата се случила околу 20 часот. Не е познато дали и колку повредени лица има во несреќата, како и кој ја предизвикал, но и што е причината. Се очекува денеска полицијата да излезе со повеќе информации.
Ова е само уште една нова сообраќајна несреќа што се случува на овој мошне прометен булевар. Неодамна, малку подалеку, кај безинската пумпа на „Лукоил“ се случила, исто така, тешка сообраќајна незгода. Тогаш, беше прегазено едно девојче кое притоа се здобило со тешки телесни повреди.
Инаку, на овој булевар сообраќајните незгоди се мошне чести. Најтешката несреќа се случила во 2018 година кога шеесет и едногодишна жена го загубила животот, а тригодишно девојче било тешко повредено откако кога во нив удрило комбе.
Во 2019 година загинал пак пешак кога бил удрен од товарно моторно возило „МАН“ со приколка со скопски регистарски ознаки.
Ризична е и посебно раскрсницата кај крстот, иако таа е регулирана со светлосна сигнализација.. Таму, лани, три лица беа повредени во сообраќајна незгода кога се судриле патничко возило и мотор.
Сето ова го поставува прашањето: дали овој прометен булевар станува една од најопасните сообраќајници во градот? Познато е, тој е многу фреквентен со возилата бидејќи е главна врска меѓу општините Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба. Но, преку него поминуваат и многу пешаци бидејќи се наоѓа меѓу населбите Ново Лисиче и Јане Сандански. Како посебно опасни булевари се сметаат и „Партизански одреди“, „Борис Трајковски“, „Никола Карев“…
Зголемувањето на сообраќајните незгоди бара и поголема безбедност. Полицијата тука врши радарски контроли, но тоа е, очигледно, недоволно. Полициска станица има токму на булеварот и сега се доградува, нека се надгради и работењето на сообраќајците.
Секако, потребна е поголема дисциплина од пешаците кои често поминуваат на неодбележани места, но пред се мора „четири очи “ да отворат возачите кои возат пребрзо и се однесуваат како да се сами на булеварот.