Старт во декември: Дневната евтина тарифа за струја ќе има во периодот од 13 до 15 часот, а навечер од 22 до 7 часот

Од декември, во периодот од 13 до 15 часот, ќе стартува дневната евтина тарифа за електрична енергија, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски. Покрај во овој период од денот, евтината тарифа останува да важи и во ноќните саати, од 22 часот до 7 часот изутрина. Дневната евтина тарифа се враќа откако беше укината на 1 јануари 2022, кога имаше зголемување на цената на електричната енергија.

Бислимоски се обратил денеска на на трилатералниот состанок на Асоцијацијата на медитерански регулатори за енергетика МЕДРЕГ, Бордот на регулатори на енергетската заедница и Советот на европските регулатори за енергетика. Според него, енергетската криза го зголеми темпото на енергетска транзиција и инвестиции во обновливи извори со што, како што вели, се намали значајно цената на електрична енергија преку ден и се создадоа услови за домаќинствата да може да користат поевтина дневна електрична енергија.

-Нашата држава, како и цела Европа се соочи со енергетска криза, но беше мотивирачка кај сите и се започна со интензивен циклус со инвестиции во капацитети што произведуваат струја од обновливи изври на енергија. Ние тоа го нарековме Елдорадо на инвестиции во обновливи извори, истакна Бислимоски.

Тој посочи дека во време на енергетска криза за 20 отсто во земјава е зголемен инсталираниот капацитет, а стравот од високи сметки, се покажал како најголема мотивација за да се стартува со интензивен инвестициски циклус, кој дал резултат. Со тоа, како што вели Бислимоски, се намалила увозната зависност и од традиционалните нотирани 30 отсто увоз на електрична енергија, процентот се преполовил и сега изнесува 15 проценти во првите неколку месеци од годинава.

-Следен чекор е да се редизајнира помошта кон ранливите категории и значајно да се зголеми за оние лица на кои им е потребно, посочил Бислимоски.

Бислимоски на состанокот, како што информираат од РКЕ, ја презентирал иницијативата со која ранливите категории треба да добиваат повисока помош за сметките за топлинска и електрична енергија.

-Субвенциите ги намалија значајно сметките за електрична и топлинска енергија и овој бенфит е за сите граѓани, но сега треба да се зајакне механизмот кон ранливите категории и да добиваат поголема финансиска помош за сметките, рече тој.

Претседателот на МЕДРЕГ Абделатив Бардах алармирал дека е неопходно земјите да работат на инклузивен пристап на енергенси кон крајните потрошувачи, а реформите во енергетскиот сектор да продолжат без оглед на геополитичките случувања.

 

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги неодамна на 35-тото генерално собрание стана полноправен член на МЕДРЕГ, која обединува 27 земји членки кои припаѓаат географски на медитеранскиот регион.

Претходна вестУбаво: Венко Андоновски добитник на меѓународната Толстоева награда во Москва
Следна вестДваесет и петгодишник ја тепал, влечел за коса, ја давел и ја гризел своjaта сопруга пред нивната 2-годишна ќерка