Во понеделник почнува културно-забавната манифестација „На зајдисонце“ во охридското село Трпејца.
Отворањето е резервирано за изложбата на ракотворби – филигран со срма од Дијана Велјаноска, по потекло трпејчанка. Музички отворањето ќе го збогати пејачката Верица Пандиловска.
Следните денови следуваат промоции на книги, проекции на филмови, средби со уметници, поетски читања. Протоколите за заштита од Ковид 19 се приоритет, но тоа нема да ги спречи сите случувања предвидени во програмата. И оваа година ќе се одржи театарската работилница со деца летувалци и деца од Трпејца и на сцена заедно ќе прикажат што научиле, а ќе биде отворена и изложба на дела од Втората интернационална колонија „Трпејца 2019“. Тука се и работилницата „Цртаме на зајдисонце“ и вечерната променада со млади уметници кои ќе музицираат од кајче.
Во текот на деветте дена во Трпејца ќе се одржат и традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“, излетот до Чоколско во соработка со НП „Галичица“, како и натпреварот „Фаќаме риба на јадица“.