На 23-те факултети во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска и утре се официјалните датуми од првиот рок за пријавување кандидати за упис во прва година за претстојната академска година, иако и досега беше овозможено и е во тек електронското аплицирање преку системот за студентски сервиси iKnow https://www. iknow. ukim. edu.mk
Според Конкурсот на УКИМ, за студиската 2023/2024 година слободни се 10.473 места, од кои 5074 за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 4439 за редовни со кофинансирање на студиите и 960 за вонредни студенти, а може да се запишат и странски студенти за кои има или утврдено број или процент од вкупниот број запишани студенти на одредена студиска програма.
Со над илјада слободни места за повеќе студиски програми и годинава се Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство/ФИНКИ (1150), Природно-математичкиот факултет (1050) и Правниот факултет (1055). Филозофскиот факултет располага со 915 слободни места за бруцоши, Филолошкиот факултет – 775, Медицинскиот – 760, Економскиот факултет – 700, Машинскиот – 600, Факултетот за електротехника и информациски технологии/ФЕИТ – 570.
На факултетите на кои покрај успехот од средно училиште има и приемен испит, проверката на знаења и умеења е на 1 септември, а прелиминарната листа со резултатите ќе биде објавена на 6 септември.
Конечната ранг-листа на примени на сите факултети ќе биде објавена на 11-ти, а на 12 и 13 септември е запишувањето на кандидатите кои од 1 октомври ќе бидат студенти на УКИМ.
Вториот рок за уписи на Скопскиот универзитет е на 18 и 19 септември, а третиот, каде што ќе останат слободни места, ќе биде на 28 септември 2023.