Вкупно 13 авиокомпании ќе летаат од Скопје, а три од Охрид согласно на зимскиот распоред на летање кој стартуваше вчера, а ќе се применува до 31 март.
„Ер Србија“ ќе лета до Белград, „Аустријан“ до Виена, а „Кроација ерлајнс“ до Загреб. Грчката авиокомпанија „Еџијан“ ќе лета до Атина, а од 2 октомври и до Сараево. „Туркиш ерлајнс“ продолжува да лета до Истанбул, а „Пегасус“, освен до Истанбул, ќе лета и до Измир. Од Скопскиот аеродром, „Сан експрес“ најави дека продолжува да сообраќа со чартер-летови до Измир и до Анталија, како редовни летови и во зимската сезона.
Новата авиокомпанија што влезе на македонскиот авијациски пазар, „Луфтханза“, ќе има редовен лет до Франкфурт, а до Цирих ќе летаат авиокомпаниите „Чаир ерлајнс“ и „Еделваис“. „Изи џет“ ќе лета до Женева, а „ЛОТ Полиш ерлајнс“ ќе лета до Варшава. Останатите 29 дестинации ќе ги опслужува унгарскиот авиопревозник „Визер“, кој, со субвенции од Владата, воведе четири нови линии од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцбург и до Љубљана.
Со зимскиот распоред на летање, од Охридскиот аеродром ќе летаат три авиокомпании, и тоа: „Чаир ерлајнс“ и „Ерелваис“ до Цирих и „Визер“ до Дортмунд, Минхен Меминген и Виена.
За првите девет месеци од 2023 година на Скопскиот аеродром, „Визер“ превезол најголем број патници (60,2 отсто удел на пазарот), потоа „Туркиш ерлајнс“ (7,4 проценти), „Пегасус ерлајнс“ (6,1 отсто), „Аустријан ерлајнс“ (4,7 проценти), „Чаир ерлајнс“ (3,7 отсто).