Стерјовски: Се случува нов поход за асимилација на Македонците

Се случува нов бугарски поход за асимилација на Македонците во Мала Преспа, предупредува претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса зa европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски.

Македонците од Албанија, вели тој, низ историјата поминале низ многу премрежија, но опстанале.

– Пред 20 години во Преспа имавме наезда на сектата Јеховини сведоци, кои сакајќи да ја искористат економската ситуација, не избираа средства да ја сменат верата на Македонците. Ни доаѓаа по домовите, не застануваа на улица, нудејќи пари, храна, книги, организираа летни кампови за младите, но не успеаја во својата намера затоа што Македонците не ги прифатија, тврди Стерјовски.

Тој додава дека повторно во Преспа се „појавиле Јеховините сведоци, но овој пат во лицето на бугарските пропагатори”.

-Тие на сличен начин како Јеховините сведоци сакајќи да ја искористат економската ситуација, бараат да ни ја сменат македонската националност. Македонците во Мала Преспа но и во цела Албанија каде што живеат ќе ја издржат и оваа бугарска пропаганда која врз Македонците трае повеќе од век и половина, истакнува тој.

Тој потсетува дека македонскиот револуционер Петар Поп Арсов уште во 1894 година за бугарската пропаганда во Македонија, која се одвивала преку бугарската црква напишал: „Егзархијата дава пари и купува ветер зашто народноста со пари не се купува – тоа е такво деликатно нешто, кое штом сети дека го пазариш изветрува“.

Васил Стерјовски е најголемите поборници за правата на Македонците, беше прв пратеник во албанскиот парламент кој јавно кажа дека е Македонец и кој за првпат во парламентот имаше кусо но историско обраќање на македонски јазик.

Претходна вестГолемо невреме во Прилеп и охридскиот регион
Следна вестИрски град со ново правило: Нема смарт телефони за децата до средно училиште