Употребата на електрични тротинети треба што подобро да се регулира за да се намалат ризиците од нивното користење, повика денеска директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Тој кажа дека заклучно со мај годинава со повреди се здобиле 11 лица од кои две со тешки телесни повреди, останатите со телесни повреди. Покрај возачите на електрични тротинети, настрадале и други учесници во сообраќајот, пред се пешаци. Претходната 2022 година, според евиденцијата на МВР имало 49 повредни, од кои осум со тешки телесни повреди, 41 со телесни повреди. Во 2021-та година пак, настрадале 30 лица.
Тој наведе дека неодамна во употреба во Скопје се пуштени 500 електрични тротинети за изнајмување коишто се лесно достапни, вклучително и за деца од уште помала возраст од онаа која ја предвидува законот, за деца од 14 години нагоре.
– Овие за изнајмување се лесно достапни за секого и покрај возрасните, посебно се ранливи децата, некои од нив не знаат да управуваат, некои немаат доволно вештини да управуваат со електрични тротинети. Лицето коешто управува електричен тротинет со брзина од 25 километри на час при несреќен случај може да се здобие со тешки телесни повреди, па дури и со животно-загрозувачи повреди, кажа Ангелов.
Согласно Законот, возачите на електрични тротинети можат да се движат на велосипедска патека или ако нема, тогаш на пешачка патека или друга површина по десна лента со 25 километри на час, каде што поминуваат пешаци брзината на движењето не смее да биде поголема од шест километри на час. Возачите треба да носат заштитна кацига, во ноќните часови да носат рефлектирачки елеци, не смеат да носат животни.
– Прво прашање кое го поставуваме дали законот е доволно добар, дали е безбедно дете од 14 години да има право да управува со електричен тротинет со брзина од 25 километри, колку се почитуваат правилата предвидени со законот, дали и колку забележуваме лица кои возат електрични тротинети без да носат заштитна опрема, колку често забележуваме тротинет фрлен непрописно, попречно на тротоар, улица, паркинг на површини каде се движат пешаци велосипедисти, изјави Ангелов.