Рајо Ваљекано, синоќа, освои значаен бод против големиот фудбалски гигант Реал Мадрид на гостувањето на „Сантијаго Бернабеу“. А играч на натпреварот беше чуварот на мрежата на македонската репрезентација Столе Димитриевски, кој успеа да го одбрани својот гол од напаѓачите на најуспешниот клуб во светот. Успешните одбрани на Димитриевски, но и другите случувања во мадридксиот храм на фудбалот утринава беа тема на шпанските медиуми.
Така, шпанските медиуми ја пренесуваат ситуацијата во која Димитриевски во финишот на натпреварот имаше „контакт“ со Винисиус Жуниор. При обид да спаси една топка, Димитриевски излезе надвор со неа, а Бразилецот му ја бараше, додека Димитриевски падна на тревата. Фудбалерите на Реал мислеа дека симулира некаков контакт.
Бразилецот нервозен од својата лоша игра и немоќта на Реал едноставно полуде и му порача на Димитриевски дека.
-Те чекам пред стадионот.
Во целата таа мешаница, Димитриевски доби жолт картон, а Бразлецот остана неказнет. Жолт картон за него ќе значеше крај на натпреварот.
Во медиумите и на социјалните мрежи се поставува прашањето што мора да направи Винисиус за да добие втор жолт или да биде исклучен.
По натпреварот Димитриевски, џентлменски ја коментираше ситуацијата со напаѓачот на Реал.
-Такви тензии се нормални на натпреварите. Се обидов да ја фатам топката, тој ме турна и тоа е тоа. Се закани дека ќе ме чека надвор? Супер, ќе го гушнам. Тој е навистина одличен фудбалер, изјави Димитриевски.