Сојузот на стопански комори (ССК) смета дека со новите мерки за заштита од ширење на ковид, кои вчера стапија во сила, се предизвикуваат дополнителни проблеми поради нивната селективност и неспроведливост во пракса.
Тие од Владата бараат да појасни дали мерките важат и за влез на лицата вработени во угостителските објекти, моловите и сите други објекти кои се опфатени со забраната доколку не поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за поминати 45 дена од прележан ковид, бидејќи се соочиле со инспекциски надзори каде се бара потврда за вакцинација за сите лица во објект, без разлика дали се вработени и посетители со што постои потенцијална можност за ограничување на правата на личен избор на лицата вработени дали да се вакцинираат.
-Се бара прецизирање и јасно објаснување дали влезот во објект е слободен за секој кој поседува доказ за имунизација или од ова се исклучок лицата во работен однос во овие објекти. Недореченоста на мерките од страна на владата во незавидна положба ги става и работодавачите кои не знаат дали и како треба да постапуваат, велат од Комората.
Исто така како спорно го наведуваат и тоа што, иако за лицата до 18 години не е истакната одредба со која се бара да приложат потврда за влез во објектите каде постои забрана, сепак во пракса многу случаи се регистрира појава да не им е дозволено да влезат со објаснување од редарската служба дека „изгледаат” повозрасни отколку што реално се, што немаат начин како да го докажат. Исто така нејасно е и дали лицата до 18 години влегуваат во вкупната бројка од 30 лица која се дава како услов за воведување дополнителни мерки.
Според ССК, ваквата селективност и некоординираност во постапувањето со носење неспроведливи и дискриминаторски мерки го отежнува економскиот тек и ја влошува и онака тешката финансиска состојба на претпријатијата и влијае на зачувување на работните места.