Колумна на Ивица Боцевски:
Што значи изборот на Талат Џафери за Македонија? Клучната дебата во јавноста околу рамковниот договор беше дали тој претставува вовед во интеграција на сите граѓани во македонското општество или клучна точка во процесот на дезинтеграција на македонската држава по етнички линии.
Според првото, граѓанско толкување на рамковниот договор, сите граѓани во Македонија се еднакви, националниот суверенитет извира од граѓаните, а воведените уставни механизми се поставени за да оневозможат дискриминација на етничките заедници и да овозможат целосно признавање и развој на сите посебни етнички култури. Додека, пак, другото, федералистичко толкување на рамковниот договор, поаѓа од начелото дека етничките заедници се клучни во македонскиот политички и уставен систем и дека граѓанинот не комуницира директно со државните институции, туку преку лидерите на својата етничка заедница, претставена преку владејачката политичка партија (во случајот на македонските Албанци тоа цели две децении значи исклучиво ДУИ). Значи, приврзаниците на федералистичкото толкување на рамковниот договор ја замислуваат Македонија исклучиво како федерација составена од две заедници (засега нетериторијализирани или, сепак, неформално територијализирани), македонската и албанската.
Во неделата бевме сведоци на уште еден страотен пораз на граѓанска Македонија и на нов пир на примитивниот балкански национализам, во неговото најгрдо шовинистичко лице. Моноетничкиот триумфализам, со призвуци на Голема или Природна Албанија, со истакнување по сите регионални медиуми дека „командант на УЧК” бил избран за премиер, секако не се сигнал дека Македонија станала пост-етничко општество, туку токму доказ дека сме уште длабоко зацапани во најгрозниот балкански етно-шовинизам. Пост-етничка Македонија ќе го најде својот „Обама” кога таа или тој ќе победи на демократски избори, поддржан(а) од мнозинството граѓани, а не како резултат на целосниот политички крах на една некогаш моќна партија.
„Ахиловата пета” на ДУИ е корупцијата, непотизмот, партизацијата, забеганоста на апсолутната моќ, односно сето она што ги прави Албанците, Македонците и сите останати „кираџии во сопствената држава”. ДУИ нема одговор за граѓанска и европска Македонија, но едвај чека натпревар во национализам. Не му ја давајте на ДУИ реториката која што ја посакува!