Стратегија „плукни – залепи“: Учебници тешко прават, ама идеи за парцијални реформи секогаш имаат

Македонското образование веќе со години и години оди надолу. Не се знае, просто кажано, има ли некој сегмент каде работата не е проблематична.

Затоа, на тестирањата на ученичките знаења се покажуваат катастрофални резултати. Загрижувачко е знаењето кое го стекнуваат децата. 

Да споменуваме ли дека секоја учебна година се случува да нема дел од учебниците, а и кога ги има тие се полни со парадоксални грешки? Никој веќе не сака да биде рецензент на учебници оти политиката сака да ја пишува историјата, има наплив на нереални петки, има партиски влијанија, има немотивирани и неквалитетни наставници…

При ваков хаос нормално е министерството да каже – стоп – и да почне со целосна реорганизација на образовниот систем. Но, за тоа оваа власт не најде сили и знаења за тоа. Сетете се каков дебакл доживеа реформата на претходната, многу фалена, министерка Мила Царовска.

Но, на надлежните тоа како да се уште не им е јасно па и натаму ја спроведуваат таа пропадната замисла менувајќи ги наставните програми, спојувајќи наставни предмети, за да потоа излезе дека нема учебници, дека учениците ќе треба да се снаоѓаат од работни материјали, наставниците во небрано… 

И сега кога се ближат избори пак сакаат да покажат дека нешто работат околу хаосот во образовниот систем. Вчера Владата соопшти дека подготвила измени во законите за средно образование и за закон за стручно образование и обука за да ги унапреди. А унапредувањето ќе се прави со воведувањето на нови испити на крајот на средното образование – стручна матура, уметничка, влезен академски испит…

Така, предвидено е по завршувањето на последната година на гимназиското образование учениците полагаат државна матура или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура.

Од друга страна, влезен академски испит за запишување во високото образование, пак, полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава…

Добро. Но, дали тоа е доволно? Дали најавеното не е премногу парцијално и нема да даде резултат ако паралелно не се спроведат и други реформи во образованието?

Што е со квалитетот на образованието кое во текот на тие три-четири години ќе го добиваат учениците, што е со учебниците, што е со наставните програми, што е со стручната обука, што е со наставниците, што со нагледните средства, што…?

Зарем ќе се решава хаосот во образованието по формулата: плукни – залепи?

Претходна вестКазнети 152 возачи во Скопје, девет возеле без возачка
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски не е портпарол за вработувањата во М-НАВ, но очигледно не е ниту некаков фактор во владата