Студенти на нови протести, не им е исполнето ниту едно ветување

Нема исплата на стипендии, исплата на студентски оброк е нередовна, нема реконструкција на студнетските домови, сето она што беше договорани минатата година не се остварува. Ова се причините поради кои студентите најавуваат нови протести по Скопје. Но, сега протестите ќе бидат надополнети и со блокади на сообраќајниците по градот за да надлежните од Министерството за образование се потсетат дека не реализирало ниту едно од ветувањата.

– Мон преку својата континуирана негрижа за студентите и почитување на законските рокови ги принудува студентите повторно со протести и радикализација да си ги бараат своите права. Веќе влегуваме во третиот месец од новата година а МОН нема ниту едно ветување исполнето односно: Постојано се доцни со исплата на Субвенциониран студентски оброк. Според законот МОН е задолжен на секој 1-ви од новиот месец да исплаќа средства (околу 2500 денари) за претходниот месец, студентите минатата недела ги примија средствата за Јануари. Студентите кои се прв пат прифатени за стипендија немаат видено ниту денар, иако минатата година со исплата се почна во месец Ноември, а сега завлегуваме во месец Март. Реконструкцијата на студентските домови иако најавувана за 2023та година се’ уште не е започната и нема никаков рок кога би требало да заврши, од МОН велат 2025та, можеби во исто време со зградите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и ФИНКИ, објави организацијата Студентски отпор.

Студентите потсетуваат дека преговорите во однос на новиот закон за студентски оброк се одвиваат комплетно нетранспарентно и дека нема никакви официјални информации во однос на тоа како би се одвивала зголемената исплата од 140 денари на дневно ниво.

-Најнова информација од МОН е дека до 15 Март сите средства ќе бидат исплатени и сите сметки подмирени. Сакаме да веруваме дека е тоа така, иако согласно на досегашното искуство не можеме да бидеме оптимисти и да им веруваме на збор. Како што гледаме МОН се дрзна и овој самопоставен рок од 15 Март да го запостави, па во таа насока најавуваме протести и блокади на цело Скопје. Не како минатиот пат со еден протест и еден марш туку секојдневна блокада на сите булевари во главниот град, најавуваат од Студентски отпор.

Министерот за образование вчера објасни дека реконструкцијата на студентските домови не е започната оти имало проблем со докуметацијата. Тој не кажа дали проблемот се однесува на сите студетски домови или само на некои. Во номеври минатата година МОН и премиерот Димитар Ковачевски најавија дека ќе се реконструираат оние студентски домови коишто се во најтешка состојба – „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски – Питу“, „Пелагонија“, вкупно девет на број. За тоа биле обезбедени средства, но работите никако да започнат. Претходно, се случија протести на студентите откако на виделина излезе планот на Владата да се намалат средства за студентски стандард и бројот на корисниците на студентскиот оброк. На протестите студентите излегоа со паролите – „На гладно и на ладно не се учи“, „Студентски оброк или политички облог“, „Се тресеме од студ, не од страв“, кои им беа упатени на Владата и на пратениците.

Претходна вестЗавршува обврската за поседување зимска опрема во возилата
Следна вест237 санкционирани возачи во Скопје, 69 за брзо возење