Црвен картон му покажаа студентите на министерот за образование Јетон Шаќири на денешниот протест поради неисплаќањето стипендии и други субвенции. Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Александар Николовски рече дека сакаа нивниот глас да биде слушнат.
– Покажуваме црвен картон кон вработените во МОН и УСС се залага студентите во иднина да бидат слушнати и нивниот глас да биде уважен. Во фб-статусот на министерот Јетон Шаќири беше напишано дека се легнати средствата, но според ветувањето средствата требаше да бидат легнати првично на средината на јануари, па крај на јануари. И тоа е само за стипендиите. Покрај тоа, имавме средства за ретроактивна исплата, имавме мерка ваучери за превоз, како и проблеми со студентскиот оброк. Така што, овој револт е создаден поради ненавремената исплата на сите мерки и неодговорното работење на самата институција, изјави Николовски.
Николовски и Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ, соопштија дека бараат промена на самиот систем и дека следен чекор ќе им биде иницијатива за воспоставување календар на активности на кои МОН ќе треба да се придржи и да има навремена исплата на сите студентски мерки. Ќе бараат, рече, и промена во Законот за студентски стандард.
-Според законот, МОН покрива 50 проценти од трошокот за студентите, што не е во ред бидејќи доколку се покачат трошоците, а тие се покачени, за студентските домови и квалитетот на храната, тогаш ќе треба да трпи законот измена и да се понесат повеќе финансиски средства кон студентските домови, рече Николовски.
Студентите на протестот го повикуваа министерот да дојде, но ја одбија неговата покана да имаат средба во МОН.