Студентите трајно се сместуваат во странство додека го чекаат новиот студентски град

Не мислам дека актуелната влада исполнува обврски кон студентите, а треба. Цел студентски стандард е катастрофален, вклучително и сместувањето, смета граѓанката Снежана Тодоровска

 

Да го запреме иселувањето на младите, да ги вратиме дома, да им обезбедиме пристојни услови за учење и живеење…, се слушаше и на последните изборни кампањи. Но, младите, и дипломираните академци и натаму заминуваат. Зошто? Веројатно и заради тоа што она што им е ветено не се направило за достоинствено да студираат. Се ветуваше на големи ѕвона студентски град, кампус и други објекти. Каде е или до каде тој студентски град?  

Наспроти тоа, паднати дрвја, неискосена трева, бандери навалени за зградата, купишта несобрано ѓубре, дотраени згради… е сликата која викендов ја затекнавме на просторот на студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда. Така е редовно кога е студентски распуст, но само за нијанса е подобро кога е учебната година и кога тука се сместени студентите. Инаку, на овој простор веќе требаше да има нова зграда со 700 студентски легла. Така барем вети актуелната власт пред четири години во својата изборна програма.  

Зградата ја нема како ни многу други ветени работи за студентите, има само делумни преправки на веќе постоечките домови кои на сите ѕвона се објавуваат во јавноста. А во меѓувреме, најголемиот дел од студентите и натаму живеат во лоши услови во студенските домови по Скопје. Работите да бидат полоши, и за такви лоши студентски соби потребни се партиски врски да да се добие легло на конкурсите кои се објавуваат во текот на летото. Треба ли тогаш да зачудува што завршените студенти ведаш планираат заминување во странство, што сакаат да студираат во странство каде потоа редовно остануваат?  

Не се испочитува ништо од ветувањата за изградба на нов Студентски град, за нова зграда во Автокоманда, за завршувањето на универзитетскиот комплекс „Мајка Тереза“. Сега, може да се каже дека само во домот „Гоце Делчев“ кој е реновиран условите се одлични, а во „Пелагонија „Кузман“ каде што бев сместен три години и во „Стив Наумов“ се минимални до катастрофални на моменти. За тоа каква грижа се води доволно зборува и тоа што кој како ќе заврши пакува куфери и оди надвор од Македонија, ни вели Кристијан Давитковски, поранешен студент од Крива Паланка.  

 Катастрофален студентски стандард  

Во кругот на „Стив Наумов“ само „новата“ зграда и неколкуте павиљони отворени во 2014 година оддават слика на донекаде пристојни објекти за сместување. Но, забот на времето и нив ги нагризува бидејќи е очигледно дека не се оддржуваат. Односно, дека пред секоја учебна година ќе се замете, малку ќе се исчистат дворовите, по собите ќе се вратат душеците и толку… Останатото го прави природата која веќе местото полека го претвора во џунгла. Покрај неколкуте павиљони кои се затворени веќе никнуваат дрвја и грмушки, патеките меѓу нив се израснати во коров, паднатите гранки и лисја никој не ги собира, веќе паѓаат и бандерите… Грдо е и местото каде беше спомен обележјето на херојот Стив Наумов чија што биста е одамна украдена, а не се направи нова. Целиот комплекс е потонат во минатото и оставен да пропаѓа.  

Нешто подобра е уреденоста кај домовите „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на градот, како и на „Пелагонија“ во Кисела Вода. Но, кај нив состојбата е далеку од соодветна. „Пелагонија“ се прочу во јавноста со купиште ѓубре, а „Кузман“ со тоа што во февруари годинава студентите две недели во сред зима беа оставени без топла вода. Надлежните на време не се погрижиле да набават нафта, па проблемот се реши со донација… Колку-толку пристојни се условите само во домот  „Гоце Делчев“ каде што државата финансираше реновирање на собите и на дворот. Но кујната, и таканареќената спортска сала се од лошо кон хорор.  

– Не мислам дека актуелната влада исполнува обврски кон студентите, а треба. Цел студентски стандард е катастрофален, вклучително и сместувањето. Избеглици ќе бидат подобро сместени во хотелски соби, од нашите студенти. Дете да ти студира е веќе луксуз ако не си од главниот град. Затоа по дипломирање сите гледаат да си одат, вели Снежана Тодоровска.  

А ветувањата на актуелната власт беа дека се ќе се смени од корен.  

– Владата ќе започне изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови модерни архитектонски и хортикултурни решенија, со спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри. Ќе ја заврши изградбата на универзитетскиот комплекс „Мајка Тереза“. Дополнително, Владата ќе гради нова студентска зграда во Автокоманда со преку 700 легла преку јавно-приватно партнерство. Во Битола, Штип и во Тетово ќе изградиме универзитетски кампуси…, се ветуваше во владината програма од 2017 до 2020 година, а сега и во актуелната од 2020 – 2024 година.  

Но, и по четири години на терен нема ни трага од Студентски град, од кампусите, од новата зграда. Она што властите го направија за студентите се покачени студентски стипендии од околу 3.300 денари на 6.000 денари и субвениции за студентски оброк кои ќе изнесуваат по 2.400 денари за 40.000 студенти. Односно, по 80 денари дневно во текот на учебната година. Што се може да се купи со нив лесно е да се пресмета.  

По студии правец странство  

Сега е во тек пријавувањето на студентите за сместување во домовите чии резултати ќе бидат познати кон крајот на септември. Во скопските домови треба да се сместат 3.812 студенти: во „Гоце Делчев“ – 1.216, во „Стив Наумов“ 601, „Кузман“ – 490, „Пелагонија“ – 997 и „Т.С. Сениќ“ – 370.  

-Условите се катастрофа. Нула е грижата за студентите, револтирано вели граѓанинот Дејан Николовски кој секоја година оди на сезонска работа во Германија за да ги школува своите две деца.  

Тој додава дека и поради ова неговите деца веќе сега планираат заминување.  

-И дете деца планираат да заминат после студии. Веќе имаат и каде, ни вели Николовски.  

За жал, такво е мислењето и кај останати млади во земјава. Анкетите покажуваат дека дури и 60 проценти од младите во земјава би заминале во странство, но во тоа ги попречува пандемијата со корона вирусот. За една година за повеќе од четири пати е зголемен бројот на отселени граѓани со високо образование. А актуелниот премиер Зоран Заев редовно ветуваше дека ќе го запре иселувањето а иселените ќе ги врати дома.  

– Затоа треба да продолжиме со одговорни политики коишто ќе ги мотивираат младите да останат. И следното е да почнат да се враќаат, изјавуваше Заев во изборните кампањи.  

Но, од сето тоа во однос на состојбите со студентските домови малку што е направено бидејќи лошата слика и годинава е иста како и тогаш. А студентите се повеќе си заминуваат со билет во еден правец…  

   

Претходна вестГрција погодена од земјотрес
Следна вестПочна исплатата на пензиите за август