На студентите и на учениците на кои им биле одобрени барањата за сместување во домовите, но поради намалениот број на сместувачки легла не можат да се сместат во нив ќе им се исплаќа месечна сума за покривање на трошоците за приватно сместување. Истовремено, ќе им се исплаќа и месечна сума за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, реши Владата на вчерашната седница.
На седницата е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести во врска со отворањето на студентските и средношколските ученички домови, според која тие треба да бидат отворени со почитување на протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со повеќе од два кревета може да бидат сместени максимум две лица.
Се оценува дека поради намалениот капацитет на користење сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.