Аргументот дека немало умисла во убиството на ракометарот Денис Тот ќе биде основа на одбраната на тројцата обвинети за инцидентот што се случил во април годинават пред дискотеката во Градскиот парк. На денешното продолжение на судскиот процес во Основен кривичен суд Скопје 1 тројцата обвинети изјавија дека „жалат за настанот и дека не сакале да дојде до тоа што се случи.
Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19) рекоа дека не се чувствуваат виновни.
-Во ниеден случај не сме имале умисла ниту сме сакале да дојде до нешто такво,рече обвинетиот Ѓоргиевски.
И нивните бранители во воведните зборови соопштија дека ќе докажуваат дека немало умисла за убиство.
-Не може овде да има кривично дело убиство бидејќи мојата клиентка немала умисла, односно намера да го убие. Можеби има друго кривично дело од кое како последица настанала смрт, изјави бранителот на Клементина адвокатот Бојан Василевски.
Адвокатот на Анџело, Иле танев рече дека ќе докажат дека Анџело не можел со еден единствен удар со рака да му нанесе смртна последица на Денис Тот и дека тоа било причината за смртниот исход.
-За нас останува нејасно и не знаеме како јавниот обвинител во оваа кривична постапка ќе ја докаже умислата кај Анџело, дека тој го сакал сторувањето на ова кривично дело бидејќи умислата претставува единствен важен момент за да опстојат самото обвинение и кривичното дело за кое се обвинува, рече адвокатот Танев.
На судењето се појави и Игор Тот, таткото на Денис. Тој се приклучи на обвинението и најави отштетно побарување за кое најави дека дополнително ќе биде прецизирано.
-Постојано одиме на гробот на Денис, по двапати на ден. Тешко функционираме и јас и сопругата и неговиот брат, кој игра во Холандија. Не ни е лесно, очекуваме да се дознае вистината, да видиме што е и како е. Да видиме дали обвинетите се виновни и ако се виновни соодветно да бидат казнети, рече Игор Тот.