Судски совет: Соработуваме со ОЈО Скопје

Судскиот совет на Република Северна Македонија ги демантира наводите за извршен претрес во нивните простории, истакнувајќи дека постапиле по писмените барања на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. Советот нагласува дека не е издадена наредба за претрес и дека ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи, водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство.

–Судскиот совет на Република Северна Македонија по повод пласираните информации во јавноста за наводен „извршен претрес“ во просториите на Советот во текот и по завршувањето на работното време, ја информира јавноста дека по примени писмени барања на ОЈО Скопје, Судскиот совет на РСМ постапи по истите. Нагласуваме дека не е издадена наредба за претрес, ниту е извршен претрес во просториите на Судскиот совет на РСМ, стои во соопштението од Судски совет.

Оттаму дополнуваат дека Советот соработува и ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи и институции во државата водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство и се оградува од било какви влијанија и притисоци одвнатре и однадвор, а со цел заштита на независноста и интегритетот на судството.

Како што потврди Јавното обвинителство претходно, полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера влегле во Судскиот совет за да ги обезбедат записниците во врска со сомнежите за евентуално сторено кривично дело поврзано со мандатот на претседателката на Судски совет, Весна Дамева, која поднесе оставка на 2 декември.

Министерството за внатрешни работи денеска потврди дека е во тек предистрагата, бараните два записници кои треба да се проверат се одземени.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, поднесе оставка на 2 декември. Таа рече дека причината за оставката е недостатокот на поддршка и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери.

Претходна вестО2 Иницијатива со барање до Владата да се ограничи увозот на возила поради аерозагадувањето
Следна вестПолицијата уапси бегалец од затвор во валандовско