Судски совет утре избира нов претседател, во период кога се најавува разрешување на членови

Судскиот совет утре на седница ќе избира нов претседател, откако поранешната претседателка, Весна Дамева, пред еден месец поднесе неотповиклива оставка, а изборот беше одложен до комплетирање на составот.

За утре е закажана седницата на која треба да се избере нов претседател на Судскиот совет откако Весна Дамева непосредно пред истекот на мандатот поднесе оставка од функцијата. Изборот се случува во услови кога се погласни се најавите за разрешување на членовите на ова тело избрани во Собранието. Според универзитетскиот професор Борче Давитковски формално правно има основ за разрешување на петмината членови кои ги избраа пратениците бидејќи не беше усвоен извештајот за работата на Судскиот совет, но вели дека останува прашањето каде е принципот на еднаквост.

„Ќе дојде малку до нерамноправност помеѓу оние што се членови избрани од собрание и оние кои се избрани на непосредни избори. И странците цело време кога ни укажуваат токму на таа дискрепанца што ќе настане, бидејќи на различни начини се бираат а разрешувањето само се однесува на петмина.“

Кој ќе седне на претседателското столче во Судскиот совет е неизвесно. Добро упатени извори за Канал 5 ја исклучуваат опцијата тоа да биде некој од редот на правниците со оглед на тоа дека им се заканува разрешување, затоа најверојатно ќе се оди на кандидат од редот на судиите, а најсериозни се шпекулациите за судијката Данка Ристова од штипска Апелација. Таа пред еден месец беше избрана за член на Советот и покрај прозивките на опозициските партии за партизација бидејќи е сопруга на градоначалникот на Радовиш. Се споменува и името на судијата Александар Камбовски како можен претседател, но нашите извори брифираат дека иако членовите на советот на колегиум му предложиле тој ја одбил понудата.

Професорот Давитковски сепак забележува дека и покрај предизвиците и критиките со кои се соочува Судскиот совет веќе подолго време, судската фела не направила ништо за својата независност.

„Секоја власт сака да има превласт во тоа условно речено независно тело и иако откако е формирано очигледно не е независно. Кој како доаѓа од властите така сакаат да стават свои луѓе. И за жал тука не се одважија судиската фела и не направи напор да бидат малку независни од извршната власт.“

Инаку изборот на нов претседател на судскиот совет по оставката на Дамева беше одложен до комплетирање на составот на ова тело со изборот на судиите Данка Ристова и Аритон Ала. Претседателот на Советот се бира со најмалку осум гласови од членовите со право на глас.

Претходна вестГрадоначалникот Ѓорѓиевски во увид на градежните активности за нов паркинг кај ООУ „Невена Георгиева Дуња“
Следна вестНад 66,5 милиони евра остварен приход по основ на наплата на патарини