Допис до македонското Собрание дека на актуелната судијка на Уставниот суд Добрила Кацарска и престанала судиската функција поради пензионирање испратил Судскиот совет. Од Собранието потврдуваат дека е добиен таквиот допис адресиран до претседателот Африм Гаши.
-Со решение на Судскиот совет од 1.07.2022 година на Добрила Кацарска, судијка на Основниот Кривичен суд Скопје, заклучно со 30.06.2022 година и престанува судиската функција поради исполнување на условите за старосна пензија, се наведува во дописот.
Во прилог било доставено и решение за пензионирање.
Во претстојниот период ќе се види дали ова може да повлече и разрешување на Кацарска од страна на Собранието.
Од Уставен суд за Т 24 изјавиле дека во отсуство на официјални информации за било каква иницијатива за престанок на мандат на судија на Уставниот суд нема да се даваат коментари.
-Во Уставот во член 111 став 4 јасно се уредени основите за престанок на функција на уставен судија, велат од Уставен суд.
Таму е наведено дека на судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка. Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста и ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд.