Со мнозинство на гласови на членови на Судскиот совет денеска е разрешена Лидија Неделкова, судијка на Врховен суд. Постапката против судијката Неделкова се водеше по претставка од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски.
Вангеловски во изминатиов период поднел повеќе пријави против Неделкова, а Неделкова за медиумите минатиот месец изјави дека ова постапка „нема никаква врска со некакви предмети или незаконско постапување“.
-Се работи за негов аспект околу работните односи, користење на работното време, значи нема врска со никаков предмет, рече тогаш Неделкова.
Инаку, Вангеловски во времето кога беше претседател на Врховниот суд, ја иззема Неделкова да суди предмети на СЈО со образложение дека нејзин син, работи во СЈО и ја прераспореди од кривичниот оддел во одделот за судска пракса.
Таа утринава пред почетокот на седницата на Судскиот совет поднела три барања: да се одложи седницата, таа и нејзиниот бранител да присуствуваат на седницата и да присуствува претставник на Здружението на судии. Неделкова изјави и дека во случајот има и политички мотиви.