Советот постапи законски и транспарентно кога номинираше свои членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинтели, соопшти денеска Судскиот совет. Тие објаснуваат дека номинирале студии во Управниот одбор на Академијата, односно членови на Судскиот совет кои се од редот на судиите и во тоа не гледаат ништо спорно. Прашуваат ако се тие спорни како членови на УО на Академијата, тогаш како не се спорни и членовите од Врховниот суд, кои исто така се дел од УО на Академијата.
Во соопштението се наведува дека изминатите денови во јавноста се презентирани негативни ставови во врска со номининација на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од страна на Судскиот совет, кои не само што не кореспондираат со реалноста, туку и предизвикуваат перцепција дека Судскиот совет донел незаконита одлука.
-Заради целосно запознавање на јавноста, на која сме должни да ѝ ја презентираме вистината, информираме за следното. Судскиот совет на транспарентен и отчетен начин, на јавната седница одржана на 24.10.2024 година изврши номинација на членови на УО во Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите кои се членови на Судскиот совет. На седницата беа истакнати аргументи и дадено образложение за законитоста и оправданоста на таквата одлука, односно номинација, а истото беше сторено пред присутната јавност на седницата. Во конкретниот случај, не може да се примени членот 44 став 4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, бидејќи членовите на УО на Академијата за судии и јавни обвинители се од редот на судиите и јавните обвинители, кои по закон се веќе претходно избрани и именувани лица. Во поткрепа на законитоста на одлуката на Советот е и досегашната пракса, соопшти Судскиот совет.
Неспорно е, се додава во соопштението, дека УО на Академијата одлучува по приговори на кандидатите за судии и обвинители, кои по завршување на Академијата ги избира Советот. Но, неспорно е и дека во постапката за избор на судии и обвинители учествува и Врховниот суд, кој одлучува по жалби на неизбраните кандидати кои ја завршиле Академијата.
-Значи ли тоа дека во случајов е незаконита и номинацијатата на судија од Врховниот суд за член на Управниот одбор во АСЈО, поради судир на интереси?, прашува Судскиот совет.
За надминување на изнесените дилеми во јавноста околу начинот и постапката за номинација, Судскиот совет веќе започна постапка за изготвување на подзаконски акт со кој ќе се регулираат условите и постапката за сите номинации кои се во надлежност на Советот.
Советот на јавни обвинители сè уште не се изјаснил по обвинувањата дека не може член на Советот во исто време да биде и член на УО на Академијата.
Судскиот совет на седницата на 24 октомври за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители го номинира членот на советот Ханиф Зендели, а за негов заменик Тодор Поп Панев, судија на Апелација Штип. За втор член на УО е номинирана е Антоанета Димовска, исто така член на Судскиот совет, а за нејзин заменик е номинирана Емељ Кранли Али, судија на Основен суд Ресен.
Советот на јавни обвинители на седницата на 29 октомври донесе одлука за номинирање на членови и заменици членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. За членови беа избрани Душица Димитриеска и Башким Бесими, а за заменици Татјана Кацарова и Теута Рамадани.