Сузбиена е организирана меѓународна група за криумчарење мигранти кои организирале криумчарење на мигранти од Грција конУнгарија и од Бугарија кон Србија, со крајна дестинација во земјите на ЕУ. При акцијата приведени се 10 лица.
Во рамки на криминалистичката истрага под псевдонимот „Исар”, која трае веќе две години, разбиена е организирана 17-члена група, која е дел од меѓународен канал за криумчарење на мигранти, информираат од МВР.
Во рамките на акцијата биле извршени претреси во вкупно 11 објекти, на подрачјата на Куманово, Кратово и Струмица, уапсени се 10 лица, а три лица-членови на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор во КПУ Штип, КПУ Идризово и Р.Унгарија за претходно сторени кривични дела „криумчарење мигранти”.
– Оваа организирана криминална група врз основа на претходен договор со лица од Србија, Бугарија, Унгарија и Македонија, организирале криумчарење на мигранти од Грција кон Унгарија и од Бугарија кон Србија, со крајна дестинација во земјите на ЕУ.
Групата била предводена од М.И., С.М., Ж.К., Д.Д. и С.П., при што најпрво обезбедувале возила од рент-а-кар агенции од Скопје, Куманово и Тетово и Бугарија, а потоа ангажирале лица „возачи” и „чистачи” за прифаќање и превезување на мигрантите. Од страна на организаторите, преку лични средби на претходно договорени локации во Србија и Унгарија, како и преку мобилни апликации на лицата „возачи” и „чистачи”, како и на лица организатори од Србија и Унгарија, им е испраќана точната локација за прифаќање на илегалните мигранти. Од овие локации, мигрантите биле преземани од С.И., М.Д., К.Ж., А.Т., С.С., Ш.Г., Н.М., Н.М. и М.М кои биле ангажирани во улога на „возачи” и „чистачи”. Истите лица повремено ангажирале и други лица како возачи, за прифаќање на мигрантите.
Во зависност од бројот на криумчарените мигранти, како и локациите и возилата со кои се преземани и превезувани мигрантите од страна на криминалната група од РСМ преку териториите на Србија, Унгарија и Бугарија, цената на транспорт по лице која ја исплаќале мигрантите се движела од 2.000 до 4.000 евра.
Во текот на истрагата утврдено е лице – организатор по потекло од Ирак, со германски документи, член на меѓународната криминална група на криумчарење на мигранти, кој по претходна комуникација со организаторите од Македонија договарал прифаќање и превезување на илегални мигранти на територијата на Бугарија и Унгарија, за што преку брз трансфер на пари, преку лица посредници од Турција вршел трансфер на пари кон организаторите од РСМ“ – се вели во информацијата од МВР.
Кривични пријави се поднесни против вкупно 17 лица, од Куманово, Скопје, Струмица и Штип, на возраст меѓу 20 и 31 година.