Свети Климент Охридски го урна ѕидот на незнаењето, стана светилник на македонскиот народ и на сето словенство

За него речиси и да нема конкретни биографски податоци, не се знае точно кога е роден, каде се школувал, кои се неговите родители… Но, на крајот од својот живот, со своето големо дело „На сите им станал се…“ Таква е приказната за Свети Климент Охридски,  најпознатиот меѓу повеќето ученици на Светите браќа Кирил и Методиј, првиот македонски и словенски хиротонисан епископ, творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, најзначајниот македонски средновековен писател и педагог кој со своето дело на повеќе полиња стана значаен и за македонскиот народ и за голем дел од христијанскиот свет.

Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година. Во Пространото Климентово житие пишува: „тој го познавал неговиот (Методиевиот) живот како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител“. Поради оваа блискост со свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, поточно или од Струмичко-брегалничката област каде делувал свети Методиј пред да замине во Мала Азија, или од Охрид, или пак, со помала веројатност од Солун.

Секому е позната големата, дваесетгодишна, Моравска мисија во која Климент заедно со Наум им помагале на солунските браќа во просветлувањето на словенските народи. Таа мисија, се чини била и решавачка за младиот Климент кој учествува во преводите на библиските и литургиските текстови, каде што се здобил со огромно знаење кое ќе биде темел на неговото подоцнежно големо животно дело.

Следува и патот во Рим како придружник на светите Методиј и Кирил во 868-869 година каде што бил сведок на Божјиот благослов и потврда на делото на неговите учители и бил ракоположен во свештенички чин. Таму тие со себе ги понеле и моштите на римскиот папа и маченик свети Климент, кои ги пронашол свети Кирил, и се претпоставува дека при ракополагањето на свети Климент во свештенички чин можно е да го добил името во спомен на светиот папа Климент.

По упокојувањето на свети Кирил во 869 година, свети Климент и другите негови собраќа заедно со свети Методиј повторно се вратиле во Моравија. Тука продолжиле да ја извршуваат мисијата под раководство на сега веќе архиепископот Методиј сè до неговата смрт. На теренот на оваа словенска земја се изодени првите чекори на словенската богослужба и писменост, откако пред тоа свети Кирил ја создал словенската азбука – глаголица. По смртта на свети Методиј во 885 година за неговите ученици започнале деновите на прогон и мачеништво. Тие биле протерани и Свети Климент доаѓа во охридскиот регион, во областа Кутмичевица.

Тука тој го започнал најплодниот дел од својот живот. Во Охрид, како еден од најистакнатите ученици на светите Методиј и Кирил, достојно го продолжил нивното дело. Може да се каже дека тој повторно ги поставил основите на старомакедонската-словенска писменост, одејќи по стапките на своите духовни отци, проповедал и богослужел на разбирлив народен јазик. За таа потреба подигнал цркви и манастири и ја основал Охридската книжевна школа во која поминале околу 3.500 ученици кои биле оспособени за црковни служби, а тој станал и главен организатор и претставник на Охридската школа. Така, Охрид станал црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Главна дејност на Климент била просветлување на народот и негово припојување кон Христа.

-На светот Христос тебе те даде, богоблажени, за пастир на луѓето, откако ти го довери стадото одбрано, а ти, светителе, сјаеш како сонце и ги озаруваш тие молитвеници, пишува во Службата која нему му е посветена.

По седумгодишната учителска дејност, во 893 господово лето, Свети Климент бил поставен за епископ велички и станал прв словенски епископ во чија епископија се богослужело, се проповедало, се читало и се пишувало на старомакедонски словенски јазик. Организирајќи ја својата епископија, станал организатор на црквата кај нас, со наша народна јерархија, тој во Охрид ги поставил темелите за подоцнежната Охридска архиепископија, од која произлезе Македонската православна црква – вистинската и доследна нејзина наследничка и продолжителка на Сетиклиментовото дело.

По негово востоличување за епископ Велички во 893 година покрај него доаѓа неговиот собрат свети Наум, неговиот достоен помошник, придружник и соподвижник, и тој го презема раководењето со Охридскиот книжевен центар при што секогаш со заеднички сили дејствувале.

Учениците од ова школа подоцна во групи од по 300 биле распоредени низ целата епархија. Едни од учениците биле ориентирани кон црковна дејност, други кон книжевна. Се препишувале и преведувале богослужбени книги, но и се создавале оригинални дела кои претставуваат класични творби на старата црковнословенска литература. Најмногу стари ракописи со црковни служби потекнуваат од Македонија и носат белези карактеристични за Охридската книжевна школа која црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Доказ за тоа се најстарите зачувани словенски ракописи од крајот на 10. и почетокот на 11. век, пишувани на глаголско писмо: Маринско и Зографско евангелие, Синајски псалтир и Синајски евхологиј, Македонски листови, Асеманово евангелие и др. кои потекнуваат од оваа школа.

На Свети Климент му се припишуваат опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници , за други празници на апостоли и маченици како и повеќе пофални слова за христијански светители. Свети Климент и неговиот универзитет, практично, станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и со што се издигнала во Европа третата – словенската јазично-културна цивилизација.

Житието вели: „Со своето дело Климент го урна ѕидот на незнаењето… Никогаш не го видовме да бездејствува… или се оддаваше на молитва, или се занимаваше со читање, или пак пишуваше книги… Со таквиот однос тој со право се смета за еден од првите, најистакнати, најнадарени и најплодни писатели на старата словенска литература. Благодарение на делото на свети Климент и на свети Наум, во православните словенски земји црковно-словенскиот јазик останал како заеднички јазик, сè до создавањето на современите словенски јазици.

На епископската должност тој останал 23 години. Во 916 година, шест години по упокојувањето на свети Наум, и тој ја предал својата душа во Божји раце. Неговите чудотворни мошти долги години почиваа во некогашниот храм на Пресвета Богородица, а во 2002 година беа пренесени во обновената црква на Плаошник каде што почиваат денес.

И по неговата смрт Охридската книжевна школа го задржува доминантното место во развојот на македонската писменост и нејзиното влијание се чувствувало со векови не само во Македонија туку и кај другите јужнословенски народи,а што неговото дело се раширило и надвор од македонските граници и добило сесловенски карактер. Големиот број на преписи од неговите дела, преку 1000, кажуваат колку тие биле омилени и барани од црковните кругови. Делата на овој светител биле прифатени во целиот православен словенски свет и ги поставиле основите на црковно-манастирските библиотеки.

Свети Климент, заедно со свети Наум, ги зацврстија темелите, односно го продолжија делото на оние кои пред нив ја создаваа и градеа Македонската православна црква и со право таа сега се нарекува Светиклиментова, а тој стана светител по кој се препознава македонскиот народ.

Претходна вестПроменливо облачно со сончеви периоди
Следна вестТешко повредено девојче во удар на автомобил на скопскиот булевар „Србија“