Светскиот македонски конгрес (СМК) ја поздравува посетата на претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали на Собранието на Македонија, меѓутоа пораките „за тоа како Македонија треба да се грижи за Албанците, бидејќи се работи за ист народ во три држави” ги оценува за грубо мешање во внатрешните работи на Македонија.
-Посебно за „правичната и пропорционалната застапеност на Албанците во институциите на земјата…” и „имплементацијата на Законот за употребата на јазиците”, што е во спротивност од намерите на македонската Влада за укинување на балансерот и оценката на уставнотста на Законот за употреба на јазиците од Уставниот суд на Македонија, се вели во реакцијата на СМК.
СМК ја поздравува иницијативата за историско македонско-албанско помирување и склучување Договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Албанија, но врз основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“ што значи взаемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.
СМК предлага склучување меѓудржавен договор за положбата и правата на Македонците во Албанија и на Албанците во Македонија – што за Албанците во Македонија, тоа и за Македонците во Албанија, како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните.
СМК го отфрла предлогот помеѓу претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали и лидерот на ДУИ, Али Ахмети за меѓународен надзор за почитувањето на правата на Албанците во Македонија.
СМК изразува жалење што во разговорите со претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, од македонска страна ништо не е спомнато за унапредувањето на положбата и правата на Македонците кои ги има и во Албанија и во Косово!
-Изразуваме жалење што претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали немаше средба со најголемата пратеничка група во Собранието – ВМРО-ДПМНЕ, туку само со пратеничките групи на сестринските партии ДУИ и СДСМ на Социјалистичката партија на албанскиот премиер Еди Рама. Не случаен е и подарокот од Гаши со три цвета, како симболика на изјавата на Спиропали за „ист народ во три држави“, се вели во соопштението на СМК.