Дота 2 тимот Tundra Esports каде што игра и нашиот Мартин Сакса Саздов го освои The International 11 – Дота 2 откако во финалето ги победија Team Secret со резултат од 3:0.
Освен што годинава може да се пофали дека заедно со својот тим ја добил титулата светски првак во Дота 2, Мартин Саздов од Свети Николе успеа да заработи околу 1.765.000 долари и да покаже дека посветеноста на е-спортовите може да донесе резултати и сериозна заработка.
Мартин Саздов „Сакса“ (27) од Свети Николе е меѓу најпознатите македонски е-спорт играчи. Toj почнал да игра Дота уште на 10 – годишна возраст. Низ годините се усовршувал и станал еден од најдобрите Дота 2 играчи во светот. Поради тоа решил и да се откаже од студиите и целосно да се посвети на играта па сега е веројатно единствениот професионален гејмер во Македонија.
Светското првенство се одржа во Сингапур, а тимот Tundra Esports успеа да ја освои титулата откако убедливо го победи тимот Team Secret со резултат 3-0 во финалето што се одржа во неделата (30.10.).
Освен Мартин, во тимот Tundra Esports учествуваа и Оливер Лепко „Скитер“ од Словачка, Леон Кирилин „Најн“ од Русија, Нета Шапира „33“ од Израел, Јунг Ву „Снејкинг“ од САД и Куртис Линг „Ауи-2000“ од Канада.