Нема лекарска грешка во случајот со пациентката која не била примена на Инфективната клиника иако имала Ковид по што починала, оцени денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Тој додаде дека побарал извештај за да види од што точно починала пациентката.
Таравари рече дека се работи за случај со акутна леукемија.
-Добив податоци од Хематологија, тоа е сериозна малигна болест со лоша прогноза. Пациентката е лекувана на Хематологија по сите протоколи. Таа имала 48 години. Инфицирана е и од Сарс-Ков 2, што е веќе нормално и го преживуваме денес сите. Во меѓувреме, за пациентката е консултиран анестезиолог и инфектолог и дадени се предлози за терапија, но треба да знаеме од што починала пациентката. Кај акутна леукемија следува тежок период по добиена терапија. Гарантирам дека пациентката е третирана по сите протоколи. Причината за смртта не е дека не работела интензивната нега во инфективан клиника. Интензивно лекување има речиси на сите клиники. Тие сите имаат интензивен дел со специјални услови за третман, рече Таравари во одговор на новинарски прашања при денешната посета на Црвен Крст.
СДСМ вчера објави дека пациентка која утрото во лоша состојба не била примена на интензивна нега во Инфективната Клиника, а потоа била вратена и од Карил, потоа починала. Пациентката не била примена бидејќи била позитивна на Ковид, за што е потребен респиратор. Наводно била одбиена и бидејќи одделението за ковид пациенти се реновирало.
Таравари кажа дека реновирањето е неопходно во повеќе здравствени установи.
-Се реновира Одделот за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести, наскоро ќе се реновира и Клиниката за анестезиологија, мора да реновираме. Наскоро ќе почнеме и со реновирање на компресорските станици и на хируршките сали. Оддели за интензивна нега има скоро на сите клиники, респиратори има скоро на сите клиники. Јас не знам за некој случај дека пациент е вратен од некоја установа, рече министерот.