Татко и син од Ченто со месеци продавале кокаин

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против двајца жители на скопската населба Ченто.

Обвинетите, татко (49) и син (22), се товарат дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Обвинетите, во првата половина од 2020 година, неовластено заради продажба купиле кокаин со потекло од Јужна Америка, од непознато лице, припадник на меѓународна криминална група.

Купената дрога заедно ја пренеле преку државната граница во земјава и неовластено ја држеле во заедничката семејна куќа во населбата Ченто.

Таткото имал задача, во зависност од нарачките на заинтересираните клиенти, дрогата да ја дели и препакува во пакувања од 0,5 до 5 грама, додека синот бил задолжен за продажбата.

Од почетокот на јули годинава до 3 септември обвинетите по претходни телефонски договори, дрогата ја продавале на купувачи од Кондово, Скопје, Тетово и Неготино.

Во прилог на обвинението против таткото и синот, надлежниот обвинител доставил и предлог за продолжување на притворот за двајцата обвинети.

Притоа било земено предвид дека се работи за недозволена трговија со кокаин што е поскап вид на дрога, дека за сторителите не претставува проблем да обезбедат услови за бегство и на различни начини да ја попречуваат истрагата, како и нивната евентуална поврзаност со меѓународна група специјализирана за недозволена трговија со дрога.

Претходна вестРeкордни 1.406 новозаразени во Македонија, починаа 21 лице
Следна вестМакедонија поразена од Ерменија