Телескопот „Џејмс Веб“ успеа да ја фотографира најдалечната позната галаксија. Галаксијата наречена JADES-GS-z14-0 е откриена само 290 милиони години по големата експлозија, во зората на универзумот. Претходниот рекорд на телескопот беше галаксија видена 325 милиони години по големата експлозија, која се случи пред речиси 14 милијарди години.
„Ново набљудуваната“ галаксија, и моментално најоддалечената, е многу посветла од очекуваното, што сугерира дека првата генерација на ѕвезди била или посветла или формирана многу побрзо отколку што предвидувале космичките теории.
Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ вреден 10 милијарди долари, лансиран во 2021 година, може да види повеќе од космосот од кој било претходен телескоп. Поради ширењето на универзумот, светлината од далечните галаксии се протега на подолги бранови должини додека патува, ефект познат како црвено поместување. Во овие галаксии, ефектот е екстремен, се протега со фактор 15 и ја поместува дури и ултравиолетовата светлина на галаксиите до инфрацрвените бранови должини каде што само вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ може да го види.
Стефано Карниани од Scuola Normale Superiore во Пиза, главен автор на откритието, рече: „JADES-GS-z14-0 сега станува архетип на овој феномен. Зачудувачки е што универзумот може да направи таква галаксија за само 300 милиони години, пишува Гардијан.
Истражувачите велат дека неочекуваната осветленост на овие рани галаксии значи дека телескопот би можел да направи уште подалечни набљудувања.