Полициската бруталност е во пораст, а удари со шлаканици, тупаници или клоци и тепање со пендрак или други предмети се употребуваат со цел да извлечат признание од осомничените лица. Вакви поразителни сознанија се наведени во објавениот Извештај за македонските затвори од страна на Комитетот за спречување на тортура и нехуман или понижувачки третман или казни во Стразбур. Извештајот е направен по петта периодична посета на нашата земја од 2 до 19 декември 2019 година, заедно со одговорот на властите од Македонија.
-Утврдено е дека полициската бруталност е во пораст и дека властите не успеаја да преземат доволно мерки за да ги решат долгогодишните структурни недостатоци во затворскиот систем. Делегацијата на КПТ доби бројни обвинувања за физичко малтретирање нанесено од полициски службеници врз осомничени за кривични дела. Тие и се пожалиле на делегацијата на КПТ дека биле подложени на удари со шлаканици, тупаници или клоци и тепање со пендрак или други предмети за време на апсењето или во полициска станица со цел да извлечат признание од нив, се наведува во Извештајот.
Во Извештајот кој го пренесува државната агенција МИА, ставен на 101 страница, содржи описи на неколку случаи во кои делегацијата собрала медицински докази за да ги поткрепи овие наводи. КПТ препорачува да бидат преземени низа мерки од страна на властите на Македонија, особено и целосна одговорност на високите полициски службеници за постапувањето на нивните подредени и обука за современи техники на кривична истрага. Покрај тоа, правните гаранции, како што се пристап до адвокат и информирање на трето лице за лишување од слобода на лице, мора да се применат од почетокот на оваа мерка. Исто така, според КПТ, треба да се подобри ефикасноста на истрагата за наводите за лошо постапување.
Тежината на овие проблеми е најголема во затворот Идризово, во кој се сместени над 60 проценти од вкупната затворска популација на земјата. Извештајот детално ги опишува нехуманите и понижувачки услови забележани во главните области за сместување на овој затвор. КПТ, уште еднаш потсетува на долгогодишните недостатоци на затворот во Скопје, како за материјалните услови, така и во отсуство на каков било мотивирачки режим.
Во затворот во Охрид, неколку затворени малолетници тврдеа дека биле подложени на шлаканици, удари со тупаници и палки кога се однесувале лошо. КПТ препорачува персоналот да биде обучен за техники за ослободување од напнатост и мерки на воздржаност и раководството да изврши подобар надзор над нивната работа. Исто така, според КПТ од суштинско значење е сите малолетници притворени во овој објект да добијат сеопфатна програма за активности прилагодени на нивните потреби, што е далеку од тоа да биде случај за време на посетата на делегацијата на КПТ.
Во однос на психијатриските болници во Демир Хисар и Негорци, КПТ препорачува да се преземат мерки за зголемување на бројот на психијатри и развој на психосоцијални и терапевтски активности. Во болницата Демир Хисар мора да се преземат чекори за да се осигури дека сите пациенти навистина можат да имаат корист од вежбање на отворено секој ден. Општо, треба да се направи многу повеќе за да се унапреди процесот на деинституционализација со воспоставување соодветни услуги за ментално здравје во заедницата.