Тераат војна против вистината

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Се сеќавате на филмот „Војна против вистината“ (Wag the dog) од 1997 г. со Дастин Хофман и Роберт де Ниро во главните улоги? Првиот, игра холивудски продуцент, а вториот, владин спин-доктор, кои создаваат приказна за (лажна)војна за да го одвратат вниманието на јавноста од горливите теми и проблеми во „Великата“ држава.  Овој филм, чија тема е фрлање прашина во очите на јавноста претставува исклучителен пример за моќта и силата на индустријата за односи за јавност, во служба на одредена власт која сака да го лаже својот народ.

Своевремено, колку и да делуваше неверојатен овој филм, ние луѓето од малечката, јужноевропска државичка, бесмислено преименувана во „Северна“ сега го имаме сето тоа во стварност. Одвраќањето и манипулирањето на јавното внимание од страна на врхушката е секојдневно и бескруполозно. Од здравствени одредби, кои ги дискриминираат луѓето (вакцинирани или невакцинирани) – норми без анализа и синтеза за рамноправно и разумно справување со вирусната пандемија и кои ја урнисуваат  економската дејност и простата живеачка на луѓето; незаконски, а подзаконски акти за лични карти – де факто суспендирање на Собранието; за образовните мерки, збор да не си трошам – подобро, на грав да си ја гледаме иднина! И сето тоа е заради неодамна проблеснатата „емпатија“, „грижа“ и „благородни намери“ на северната власт за далечните и борбени, ама фини, питоми и авганистански побегуљи. И тоа не 120, не 200, не 450, туку 650 и многу повеќе ако Бог даде, ќе се приберат во нашава малечка, но човекољубива државичка – така велат северниот премиер и неговата свита!

Емпатијата, се прелева, ли се прелева…! Ех, мили мои, нè дамлосаа овие северни „надлуѓе“ – луѓенца нè сторија! А, сè уште се надевам дека еден ден ова ќе се смени и ќе излезе еден вистински народен водач, како Индира Ганди, своевремено. Истакнувајќи во раните 80-ти на XX век,дека „Индија има преку 760 милиони жители, а тоа значи дека државата треба да се грижи за сите нив и нивните проблеми“, оваа некогашна индиска премиерка, едноставно и јасно ја определи функцијата и задачата на сите оние кои се власт. Така треба да и овде, да се дејствува и функционира за доброто на одвај 2-та милиони Македонци (според „библискиот“ попис), бидејќи ние сме тие кои во оваа држава создаваме вредност, доход и плаќаме даноци. Не ни е потребно замајување и патетично човекољубие, ниту пак побегуљи! Потребен ни е излез, од овој политички и животен самрак! Заради оваа стварност, сè повеќе помислувам на Прличевиот совет до еден давеник во езерото, кој му се молел на Бога да му помогне. „Мавтај со р’цете!“, му дофрлил, поетот на давеникот „з’ш Господ поможвит, ако мавташ со нив – пливаш!“

Така, сите ние треба да делуваме, во ова време на војна против вистината!

 

Претходна вестАко струмичките кафулиња не ја шират заразата, скопските ли се ширачите?
Следна вестКампања за вакцинација среде вртоглав раст на заразени: Дали пак касниме?