Нов ден без тазе леб во скопските маркети. На гондолите наменети за леб има само некои од скапите производи кои можат да стојат со денови. Во зорт, по некој граѓанин става во корпата и од скапите лебови ама најчесто си шепка дека не му е право што ваква ујдурма направија пекарите и власта.
Не само што го нема белиот и полубелиот леб со замрзната цена од 33 денари, туку полека снемува и од другите специјални видови на леб чија што цена оди и до 100 денари. Во Аеродром утрово видовме ред пред една помала пекара – луѓето чекаа оти ќе имало мала количина на основниот прехрамбен продукт. Каков леб чекаат?
-Не е важно каков, да земам еден леб денеска оти ги потрошивме залихите, а од утре жена ми ќе мора да ги вади вештачките нокти и да меси дома погача, ни рече еден од аеродромците кои чекаа во редот.
Околу ТЦ „Бисер“ аеродромци кружат по сите маркети и го бараат насушниот леб. Велат имале надеж дека пекарите ќе увидат дека грешат и дека претеруваат со цените.
Прашавме сопственик на мала пекара, дали според него е реална цената која ја замрзна Владата…
-Јас не можам да правам леб за 33 денари, а да не одам во загуба. Најдолу што можам да издржам е белиот леб да е 38 – 39 денари. Големите пекари кои имаат залихи на брашно од лани можеби можат, ама не верувам. Владата треба да го субвенционира брашното, а не струјата и се ќе биде во ред, ни одговори сопственикот.
Од друга страна пак, медиумите вчера ја пренесоа информацијата дека дел од штипските пекари одлучија цената на лебот да ја намалат па сега по рафтовите има леб и за 30 денари. Пекарот, Николче Малинов изјави дека овој потег се должи на мерката на Владата, која како граѓани мора да ја почитуваат, но и да им помогнат на своите муштерии, граѓаните во услови на криза.
Пекарите да се надеваме ќе бараат решенија и ќе прават нови пореални пресметки. Да се надеваме дека Владата ќе ги согледа своите пропусти и ќе има слух и подготвеност за дијалог. До тогаш граѓаните се снаоѓаат.
-Одам на пазар земам компир, ориз, а и дома си правиме леб. Нема да сме гладни, но нема да заборавиме како се однесуваат пекарите и Владата, ни истакна една постара скопјанка.