Тимовите на СТЕМ Академија, Скопје Space Walkers и Space Walkers Jr. се апсолутни победници на Глобалната спортска роботска олимпијада (ROBOTSPORTS COMPETITION GLOBAL OLYMPIAD) што се одржа на Крит, Грција, во периодот од 26 до 29 април. Тие го освоија првото и второто место во престижната категорија „Пентатлон арена“ во конкуренција на 1450 тимови од 36 земји.
Како што соопштуваат од СТЕМ Академија, оваа категорија е позната по своите предизвици и бараше од тимовите да дизајнираат и програмираат самонаведувачки роботи. Роботите треба да завршат најмалку пет сложени мисии на специјализирано роботско поле. Тимот Space Walkers се истакна со освојување на најголемиот број на поени меѓу сите тимови учесници, покажувајќи квалитет во тимската работа, кои создадоа робот со исклучителни можности и одличен дизајн.
Тимот на Space Walkers Jr освои второ место во истата категорија, но доби и награда за Иновативен проект. Нивната презентација е препознаена како најдобра, со што се издвои вредоста на СТЕМ Академија, Скопје во поттикнување на креативноста и развој на комуникациските вештини кај своите студенти.
-Перформансите на тимовите на СТЕМ Академија се гордост не само за нас, туку нивниот успех ги истакнува талентот и потенцијалот на македонската младина. Воедно ја покажува и апсолутната посветеност на академијата во поттикнување на критичко размислување, решавање проблеми, иновациите и зголемување на нашата видливост на глобалната сцена, со човечките потенцијали кои ги имаме, вели Жарко Поп-Илиев, извршен директор на СТЕМ Академија, Скопје.