Актуелниот државен првак на Македонија во шах и член на ШК Алкалоид, ИМ Тони Лазов, го постигна најголемиот успех во кариерата на Шаховската Олимпијада, која заврши во Будимпешта, освојувајќи сребрен медал за својот индивидуален настап на втората табла, со одличен рејтинг-перформанс (2763).
Македонскиот шахист се покажа во одлично светло и стигна до одлични 7.5 освоени бодови, не загуби ниту еднаш. Зад себе Лазов остави и познати шаховски имиња како Алексеј Сарана, Весли Со…
На својот актуелен рејтинг од 2360 поени тој сега ќе додаде нови 33 освоени на Олимпијадата.
Тони Лазов е најмладиот носител на шаховски олимписки медал во Македонија, а кариерата ја започнува во шаховските школи на ШК Алкалоид, активно играјќи шах од својата 10-годишна возраст.
ИМ Тони Лазов беше единствениот член на ШК Алкалоид во составот на машката репрезентација на Македонија на оваа 45. Шаховска Олимпијада во Будимпешта. Тимот го стартуваше турнирот како 62-рангирана екипа, а во конечниот пласман заврши на 61. место од 188 екипи кои настапија. Репрезентативците имаа 6 победи и 5 порази и освоија 12 бода, еден повеќе од женската екипа.
Женската репрезентација беше 57-рангирана, а заврши на 77. место од 169 екипи славејќи 4 победи. Три средби завршија со поделба на поенот, а доживеа и 4 порази.