Oбвинителството во предметот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошковски во 2011 нема да предложи нови докази или повтроно изведување бидејќи смета дека сите важни факти се целосно утврдени и фактичката состојба е целосна јасна.
Обвинителот Љубомир Лапе ова го кажа на денешното рочиште во Основниот кривичен суд откако на минатото судијката случајот повторно го врати во дополнение на доказната постапка бидејќи за судот не било јасно кој од обвинетите кои дејствија ги презел и со колкав интензитет.
Во „Тортура“ обвинети се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и шестмина припадници на поранешната полициска единица „Алфа“, а спорниот начин на апсење на лидерот на Обединети за Македонија се случи на 6 јуни 2011 – ден по тогашните парламентарни избори.
Адвокатите на Мијалков и останатите обвинети побараа да добијат записник и на следното рочиште наредната недела да се произнесат за денешното излагање на обвинителот. Доколку и тие немаат некакви докази и предлози, судијката најави дека ќе закаже рочиште за нови завршни зборови.