Новоизбраниот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски веќе првиот свој работен ден покажува интерес да се реши големиот хаос околу ултимативното менување на личните документи. Имено, не само интерес, тој веќе и остварил средба со амбасадорката на Република Грција Софија Филипиду.
На средбата како што стои во соопштението на МВР биле потврдени заложбите за унапредување на меѓусебната соработка, особено во областа на безбедноста и полициската соработка.
-Министерот Тошковски го презентираше наследениот проблем со недостатокот на обрасци за патни исправи и предложи мерки за негово решавање, наведуваат од МВР.
Какви се конкретните решенија не е соопштено, но ова е добар прв чекор да се најде решение за хаосот кој го создаде неговиот претходник со лошата организација на промената на личните документи.
Се чека со часови, некои мораат да одат и по неколку пати да чекаат на мразот, а од друга страна ако во декември се јавеќе некој за да добие редовен термин за фотографирање во МВР ќе добиеше термин дури во септември иако ултимативниот рок за промена на документите е до средината на февруари. Апсурд кој го игнорираше власта.
Ќе успее ли новиот министер предложен од опозицијата да го реши проблемот? Многу граѓани нема да може да имаат пасоши и нема да може да патуваат во странство – не по своја вина.
За потсетување: претседателот Пендаровски и сега веќе поранешниот премиер Ковачевски две недели се натегаа – пимплаа кој да се јави во Грција за да објасни за проблемот и потребата наметнатиот рок од Преспанскиот договор да се одложи (барем една година како што одамна бара јавноста).
Инаку, новиот министер вчера рече дека ќе стори се за граѓаните да се чувствуваат достоинствено во овој процес којшто треба да е најнормален, а е најненормален од денешен аспект.
–Ќе направиме сѐ за да го релаксираме процесот и ќе направиме се за граѓаните на Република Македонија да не останат заробени после 12 февруари. По оние информации што ги имам, за коишто не можам да тврдам со сигурност дека се точни, поради тоа што официјално допрва би требало да ги добијам, околу еден милион и 200 илјади пасоши се издадени со новото име. Ако имаме некаде два и пол милиони пасоши, уште околу толку значи треба да бидат издадени во наредниот период. Физички е невозможно да бидат издадени сите тие и физички е невозможно она што Министерството е должно да го направи кон граѓаните да го направи во една нормална атмосфера. Тоа е последница на сето она што го наследив, но моја работа и моја обврска е тој процес, пак ќе речам, да се реши и ве уверувам дека ќе најдеме начин како да ја релаксираме атмосферата од организациски аспект. Белким Министерството ќе може да обезбеди повеќе простори каде што ќе може луѓето да ги подигнат, ќе може подобро да се организираме внатрешно – од аспект на сликање. Најголемиот проблем е самото печатање и издавање на пасошите, значи печатењето, производството на пасошите е најголемиот проблем, рече Тошковски.
Колку од намерите ќе оствари останува да се види.