Од денес корисниците на поштенски услуги во Скопје ќе имаат можност и во сабота и недела да примаат и испраќаат пакети и писма преку новиот пакет шоп на Тотал Пост Логистик, кој денес беше отворен во Ист Гејт Мол.
На отворањето беше присутен и Сретен Миладиноски, директор на Агенцијата за пошти кој изјави дека ги охрабрува давателите на поштенски услуги да продолжат да ги следат светските трендови а се со цел да ги подобрат своите услуги и да одговорат на барањата и потребите на корисниците.
Директорот на Тотал Пост Логистик, Алдин Нумановиќ изјави:
– Ова е прв од неколкуте пакет шопови од овој тип што во иднина ќе ги отвараме по поголемите трговски центри низ Македонија, за да ја направиме поштенската услуга поблиска до корисниците. Нашиот пакет шоп ќе работи секој ден од 10 до 22 часот, а примачите и испраќачите ќе немаат временско ограничување кога да предадат или да го примат својот пакет. Модерните пакет шопови во моловите и проектот со пакетоматите во голема мера ќе ја олеснат комуникација со нашите партнери.
Тотал Пост Логистик е еден од лидерите на поштенскиот бизнис во Македонија со повеќе од 150 курири и повеќе од 80 транспортни возила. ТПЛ работи успешно на македонскиот пазар од 2015 година.