Трамп најави дека ќе воведе царини за производи од Кина, Канада и Мексико

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека ќе потпише извршна наредба за воведување на царини од 25 отсто за сите производи кои доаѓаат во САД од Мексико и Канада, како и дополнителни царини за Кина.

-На 20-ти јануари, како една од многуте мои први извршни наредби, ќе ги потпишам сите потребни документи за да им наплатам на Мексико и на Канада 25 отсто царина за сите производи што доаѓаат во САД, вели Трамп во објава на неговата платформа Трут сошал.

Во објавата Трамп додава дека тарифите ќе останат во сила додека двете земји не ја намалат трговијата со дрога, особено фентанилот и мигрантите кои нелегално ја преминуваат границата.

Во друг пост, Трамп објави дека САД ќе ѝ воведат на Кина дополнителни 10 отсто царини, над сите дополнителни царини, за сите нивни производи што доаѓаат во САД.

Тој рече дека причината за дополнителната царина е неуспехот на Кина да го намали количеството на дрога што влегува од таму во САД.

Кина е голем производител на прекурсори кои се користат од нарко-картелите, вклучително и од тие во Мексико, за производство на фентанил, силен синтетички опиоид.

-Имав многу разговори со Кина за огромните количини на лекови, особено фентанил, кои се испраќаат во САД – но безуспешно… Се додека не престанат, ние ќе и наплаќаме на Кина дополнителни 10 отсто царини, над какви било дополнителни царини, за сите нивни производи кои доаѓаат во САД, вели Трамп.

Како одговор на ова, Кина предупреди дека никој нема да победи во трговска војна, пренесува „Гардијан“.

Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада, рече дека Кина презела чекори за борба против шверцот со дрога откако минатата година е постигнат договор меѓу Џо Бајден и Си Џинпинг.

Претходна вестДенеска заупокоена Света архиерејска литургија на Плаошник по повод смртта на владиката Тимотеј
Следна вестДимитријевиќ прв стрелец и најкорисен играч во квалификациите за Евробаскетот