Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе се бори за нов мандат, синоќа изјави дека знае кого сака за свој потпретседател во претседателската трка во 2024 година, додавајќи дека неговата посветеност на НАТО алијансата ќе зависи од тоа како Европејците ќе се однесуваат кон САД.
Трамп, фаворит за републиканска номинација, беше запрашан од домаќините на „Fox News Live“ во градското собрание во Де Мојн кој ќе биде негов потпретседателски кандидат.
– Навистина не можам да ви го кажам тоа. Мислам, знам кој ќе биде, рече Трамп на собирот на републикански гласачи во Де Мојн, Ајова, пет дена пред гласањето за номинација на таа држава, со што ќе бидат отворени изборите за републиканскиот претседателски кандидат.
Аналитичарите шпекулираат дека неговата потпретседателка би можела да биде една од двете жени: Елис Стефаник, сојузничка на Трамп и највисоко рангирана републиканка во Претставничкиот дом и Ники Хејли, сегашна ривалка која беше амбасадорка во ОН од 2017 до 2018 година за време на Трамп администрација.
Трамп беше прашан и за неговиот став кон НАТО – прашање што уследи по вчерашната објава дека Трамп им кажал на европските функционери додека бил претседател дека САД никогаш нема да и помогнат на Европа доколку биде нападната.
– Зависи од тоа дали ќе се однесуваат правилно со нас, одговори Трамп на прашањето на водителот на „Фокс“ за неговата посветеност кон НАТО алијансата. – Видете, НАТО ја искористи нашата земја. Европските земји го искористија тоа, верува Трамп.