Треба ли да брза со работата македонско – бугарската Комисија за историја?

И од Скопје и од Софија најавуваа дека порелаксирано ќе се тргне во решавање на недорешеностите кои ги потенцира Бугарија. Се кажа дека ќе се разговара за теми кои ќе ги поврзуваат двата народа. Но, и веднаш и се наметна забрзано темпо на македонско-бугарската Комисија за историски прашања каде всушност се големите разлики.

Да се брза или не со работата Комисија за историски прашања? Ваква дилема се наметна по средбата на македонскиот и на бугарскиот премиер Димитар Ковачевски и Кирил Петков во Софија но и мислењата искажани околу она што тие го договарале. Двајцата премиери неодамна порачаа дека во следниот период во работата на Комисијата може да се очекува нов ентузијазам, нов режим, динамика, конструктивност, резултати… Најавени се и повеќе средби – три во следни четири месеци – а што според нив би требало да биде основа за напредок.

Но, дали тоа и ќе се случи? По она што вчера се слушна некако како да нема простор за преголем оптимизам. Прво бугарскиот копретседател на Комисијата Ангел Димитров рече дека досегашното бавно темпо се должела на „неподготвеноста на македонските колеги.

-Уште не сме стигнати до она што се предава во средно образование. Доста е непријатно за нас затоа што работиме веќе три и пол години. И сето тоа се должи на неподготвеноста на нашите колеги, тоа го кажувам сосема директно, да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа се разбира започнува од средниот век, рече тој во интервју за Бугарската национална телевизија.

На ова стигна и одговор од македонскиот копретседател Драги Ѓорѓиев кој одговори дека проблемот е во тоа како нивнте бугарски колеги ја сфаќаат заедничка историја.

Заедничка историја е синтагма која колегите од Бугарија ја користат од чисто етничка содржина. Во таа смисла ние не се согласуваме. Имаме заедничка историја на Балканот, но не и заедничка историја со една држава, како што тоа го смета Бугарија од десеттиот век до 1944та. Тоа е недозволиво, рече Ѓорѓиев.

После овие изјави логично е да се постави прашањето дали треба да се брза со комисијата? За многумина наметнувањето на брзо темпо на работа на историчарите е еден вид на притисок.

На тоа дека во ситуација кога се брза, кога се поставуваат куси временски рокови можно е и да се згреши и да се донесе решение кое не е соодветно деновиве предупреди дури и Владо Бучковски, доскорешен специјален владин претставник за македонско-бугарски спор.

-Нема потреба од форсирање и од брзање. Таму повеќе работи се случуваат меѓу двете заседанија на Комисијата. Таму постојано се разменуваат автентични документи и мислења, врз основа на кои треба да се постигнат резултати, изјави Бучковски.

Неодамна и шефот на државата Стево Пендаровски во своето годишно обраќање во Собранието истакна дека не треба да се брза во решавањето на спорот со Бугарија со цел одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

-Кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник, предупреди Пендаровски.

Што ли сега мисли Пандаровски за работата на Комисијата?

Историја е и како ќе помине вицепремиерот Артан Груби играјќи фудбал со бугарските колеги, па за историја ќе биде и што може да се договараат околу економијата, инфраструктурата…

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ сега има 4 потпретседатели, очекуваат победа на предвремени избори
Следна вестПетличковски ќе го замени Караџовски на чело на Комисијата за заразни болести