Треба ли да се прошири Уставот и со други цркви и верски заедници?

Се најави менување на Уставот пред влезот на Македонија во ЕУ со кое тој ќе се надополни со припадници на повеќе помалубројни заедници во земјава. Со тоа, сегашната бројка на седум народи кои се спомнуваат во уставата Преамбула значително ќе се прошири. Заев искажа подготвеност да се наведат и Бугари, Хрвати, Торбеши, Египќани, Австријци, Романци… .

Но, ваквата најава отвора и други дилеми – дали, на пример, Уставот треба да се надополни и со други цркви, верски заедници и религиозни групи? Во највисокиот државен акт, во неговиот член 19 се наведени пет религиозни заедници во земјава: Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница. Сите други организации се опфатени со терминот „други верски заедници и религиозни групи“. А во земјава, според регистерот на Комисијата за односи со верски заедници има многу повеќе: 18 Цркви, 10 Верски заедници и 12 Религиозни групи.

Никола Гелевски, координатор на Евангелско Протестантска Иницијатива, во изјавата за „Скопско ехо“ вели дека таквата промена е неопходна.

– Евангелско Протестантска Иницијатива (ЕПИ) која обединува 10 македонски евангелско-протестантски цркви има јасен и дециден став дека содржината на член 19 од Уставот со споменување на само пет верски заедници е извор на нерамноправност и маргинализација на евангелските-протестанти во македонските општествени и верски процеси на дијалог, визионирање и придонес кон напредокот на македонското општество. Од таму, сметаме дека е крајно време членот 19 да претрпи измена, ни рече Гелевски.

И Филип Иванов, пастор на Евангелска црква, смета дека треба да се извршат промени.

Секако, свесен сум дека не може и не смее Уставот да се проширува до бесмисла, но ако една верска заедница како Евангелска Црква, на која припаѓам и во која служам, или една „алијанса“ на заедници како што се евангелско-протестантските цркви во Македонија, е побројна или поактивна од барем две од петте верски заедници кои влегуваат во Уставот, сметам дека е само фер и правично да го има своето заслужено место во Уставот, покрај останатите, целосно рамноправно, потенцира тој.

Претходна вестСо денешниот Чист понеделник започна Велигденскиот пост
Следна вестГрчката полиција уaпси две лица кои шверцувале дрога од Македонија во Грција