Каков е документот што евентуално ќе биде потпишан помеѓу Македонија и Бугарија кон крајот на октомври? Одговорот на ова прашање останува енигма откако актуелниот шеф на бугарската дипломатија Светлан Стоев вчера најави дека е можно да се завери таков договор по тековните преговори кои се водат на експертско ниво.
–Преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат, а предадени се и бугарските предлози и текстови. До крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија и доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи, изјави вчера Стоев.
Практично, излегува дека потписи на државни претставници ќе бидат ставени на она што ќе биде договорено околу условите кои на Македонија и ги поставува Бугарија за да се тргне софиското вето за почеток на преговорите на нашата земја за прием во ЕУ.
Веднаш се поставува прашањето дали Македонија сега треба да брза со потпишувањето на обврзувачки документ. Нашите државни претставници за цел имаат со еден таков договор бугарската страна да ја тргне блокадата и на 14 декември на состанокот на Општиот совет на ЕУ да се усвои преговарачката рамка. Потоа, до крајот на годината би се закажала првата меѓувладина конференција, со која официјално би почнале преговорите за членство во ЕУ.
Но, многупати нашите државни претставници имале вакви проекции кои не се оствариле. Впрочем, и потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство со Бугарија од 2017 година „гарантираше“ дека ќе имаме забрзан пат до ЕУ па тоа не се случи.
Од каде сега кај нашите владини претставници убедување дека по потпишувањето на таков документ до крајот на октомври со Бугарија ќе следи и отворен пат кон ЕУ? Посебно по неодамнешниот самит на ЕУ со земјите од Западен Балкан во Словенија по кој шесте земји не добија никакви гаранции за прием. Добија пораки дека „многу се сакани“ и толку. А на виделина излезе дека во рамките на европските земји-членки има резреви околу примањето на нови земји членки од Балканот.
Неодамна и влијателниот германски весник Ди Велт напиша: Европската унија мора да престане да се лаже себе си за Западен Балкан и наместо вештачки да ја одржува илузијата за пристапување мора недвосмислено да му каже на регионот дека нема да има полноправно членство.
Оттаму, има ли потреба да се брза со потпишувањето на еден таков документ. На неодамнешниот собир во МАНУ беше предупредено дека непромислените политички одлуки на државниот врв, водат кон губење на македонскиот идентитет.
-Ако се изгуби македонската држава, нема да постои државен ентитет да се интегрира во Европската Унија. Така што ЕУ ќе нема што да интегрира, а Македонија што да одбележува и слави. За преговорите со Бугарија потребен е широк консензус и изготвување на нов документ во кој со консензус ќе бидат прецизирани црвените линии од кои нема да има отстапки, изјави тогаш Љупчо Коцарев претседател на МАНУ.
Академик Катица Ќулавкова, пак, директно порача дека Владата треба да ги прекине преговорите со официјална Софија.
– Не постои цел која може да ги оправда средствата, кои се спротивни на се што е предвидено во меѓународното право, а тоа значи отстапување на лигитимното право на самоопределување и толкување на сопствената историја, рече таа.
Дали Владата ги слушна овие реакции? И уште поважно е прашањето зошто јавноста не знае повеќе за карактерот на документот кој планира да го потпише?