Како дел од кампањата „Силна и храбра“ на Министерството за труд и социјална политика, која во фокус ги става благосостојбата, менталното здравје и економското зајакнување и благосостојбата на жените, се одржа работилницата со наслов „Активно стареење – лозинка за соочување на менталното и физичкото здравје“ со највозрасните наши граѓанки – пензионерките во Битола.
Работилницата беше организирана во соработка со Сојузот на пензионерите од Битола.
Пред почетокот на работилницата присутните пензионерки ги поздравија министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, кои се заблагодарија на денешното присуство и уште еднаш потенцираа дека мерките што Владата на Северна Македонија ги спроведува се насочени кон унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани. Во оваа пригода министерката Тренчевска ги информира пензионерките дека мартовската пензија ќе пристигне со покачување од 8,4 %.
Работилницата ја отвори професорката Софија Арнаудова, која со интерактивен пристап и вклученост на сите работеше на тема среќа и што ги прави среќни секоја од нив. Ова беше вистинска можност присутните пензионерки да ги споделат своите лични согледувања и животни искуства.
На тема надеж, што значи да се има надеж и како со поддршка може да му се даде надеж некому, зборуваше Весна Рох, психолог од Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“, Здравствен дом – Скопје.
На работилницата се разговараше за патот на надежта, нејзиното потекло и нејзиниот пат кон иднината и нејзиното развивање.
Менталното здравје е клучно за благосостојбата и квалитетот на животот на секоја единка, па оттука и неопходноста за подигање на свеста за неговото значење.
Активното стареење е клуч за квалитетно ментално и физичко здравје. Тоа го потврдија и присутните пензионерки, кои во своите зрели години сè се уште активни и уживаат во она што го прават.
„Не е важно колкава е пензијата, туку колку долго ќе ја користам“, напоменаа тие и ја пренесоа пораката до секоја жена пензионерка во државата.