Се уште нема договор во работната група која треба да ја одреди минималната пензија и до крајот на месецов не се очекува решение, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
По посетата на домот на културата во Ѓорче Петров денес, таа извести дека за минималната пензија ќе треба да се почека.
-Се работи на едно системско решение за предлог-одредби за утврдување минимална пензија. Не очекувам дека многу бргу, дека до крајот на овој месец, ќе се донесе некакво решение затоа што тоа сепак е едно комплексно прашање, со кое се регулира минималната пензија, рече министерката Тренчевска.
На пензионерските протести ширум земјава се истакнува барањето минималната пензија за да биде 20.000 денари.
Таа додаде дека до крајот на оваа недела се очекува Владата да ги донесе мерките за сите ранливи категории граѓани.
-Тогаш точно ќе се знае кој се ќе биде опфатен и колку месечна ќе биде поддршката. Од Работната група се веќе доставени предлози поддржани да бидат особено пензионерите со ниски пензии. Со мерките најверојатно ќе бидат таргетирани најранливите пензионери, оние со најниски пензии. Искрено, додека не бидат објавени, не сакам да лицитирам кои категории пензии ќе бидат опфатени, ќе бидат опфатени поголем број пензионери, а секако ќе бидат опфатени и други ранливи категории граѓани. До кога пензионерите би можеле да ја користат оваа мерка, ќе биде објавено штом мерките ќе бидат прифатени, односно усвоени на владина седница, рече министерката.