Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков останува во притвор до правосилност на пресудата за во „Трезор“ за што денеска е осуден на 8 години затвор, поради постоење на опасност од бегство.
Ва одлучи судот, а на барање на обвинителот Трајче Пеливанов кој го застапуваше предметот за набавката на опремата за прислушување во УБК.
Мијалков е во притвор до правосилноста на пресудата во предметот „Таргет-Тврдина“, но 60-те законски дена истекуваат на 26 април, поради што за Мијалков како моќен човек, според Обвинителството, постои можност да избега. Притвор е побаран и за поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ кој е осуден на 5 години затвор и за кој досега имаше мерка на претпазливост – одземање на патна исправа.
Според адвокатите на Мијалков, барањето за ефективен притвор за предметот „Трезор“ е без поткрепа и докази. Тие тврдат дека бизнисите кои Мијалков ги има во земјава се причина за тој да остане во државава, а не да бега. Најавуваат дека пред Апелација овој предмет ќе заврши со ослободителна пресуда.
Обвинетите Горан Грујевски осуден на 15 години затвор и Тони Јакимовски на пет веќе имаат мерка притвор.
Тројца од поранешните функционери во УБК, кои се гонеа во „Трезор“, пред помалку од два месеци добија затворски казни во предметот „Таргет-Тврдина“.
Таму, Мијалков доби 12 години затвор за делата: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание. Последното дело веќе му застаре, па доколку Апелација потврди дека тој е виновен, казната ќе му се намали поради застарувањето.
Горан Грујевски, пак, доби 15 години затвор за повеќе дела, како: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.
Тони Јакимовски со првостепената пресуда е осуден на 6 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа.