Тргната спорната еднојазична табла во Кичево, Левица бара санкциjа за директорот Османи

Одговорност од директорот на кичевскиот Центар за култура Мазлам Османи денеска побара политичката партија Левица поради истакнување на спорна табла на која само на албански јазик пишуваше Република Албанија, а на истата го имаше и албанското знаме.

По една недела откако беше поставена скандалозната табла денеска беше отстранета, а кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари за Канал 5 изјави дека се разгледува можноста за „исправка на истата“. Од друга страна, Јавното обвинителство соопшти дека е поднесена кривична пријава за кривично дело – Повреда на угледот на Република Македонија согласно член 178 од Кривичниот законик.

-Пријавата веднаш е земена во работа и по неа се постапува во насока на утврдување на фактите и обезбедување докази, изјавија во Јавното обвинителство.

Според ова кривично дело според кое оној што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Македонија, нејзиното знаме, грб или химна, ќе се казни со парична казна.

Во своето соопштение од опозициската политичка партија Левица побараа итно да се санкционира Мазлам Османи и да се отстрани еднојазичната табла во Кичево. Според партијата, директорот на НУЦК „Кочо Рацин“ Мазлам Османи, демонстрира врвно непочитување кон државата и институцијата со која раководи.

-Покрај тоа што на официјалните плакати и други материјали веќе некое време избегнува да го напише името на установата, па место НУЦК ‘Кочо Рацин‘ на истите стои само Центар за култура-Кичево, сега искажувањето на своето непочитување го има подигнато на повисоко ниво. Деновиве во библиотеката е поставена еднојазична табла „ Republika e Shqipërisë‘“ во функција на патоказ до место на кое се поставени два компјутери преку кои граѓаните можат да добијат информации од Државниот архив на Албанија, а со димензии и дизајн небаре таму е сместен државниот архив на соседната држава. Станува збор за груба провокација преку уште погрубо кршење на законите. Двојните аршини, неспособноста на власта да организира владеење на правото на својата територија резултираат државни чиновници да се закануваат со казни какви што не се предвидени со ниту еден позитивен закон во државата, наведено е во соопштението на Левица.

Оттаму додаваат дека непочитувањето на Законот за употреба на грбот, знамето и химната од страна на функционерите на ДУИ е пракса која со години се толерира.

Претходна вестВо Скопје: За 20 дена, 48 кривични пријави за непочитување на полицискиот час
Следна вестРазрешено убиство од пред 4 години: Гостиварец со пиштол убил скопјанец