По обвинувањето на албанската опозиција дека таблите со албански јазик се отстранети од граничните премини и се заменети со нови само на македонски, англиски и на француски јазик, реагираше коалицијата Вреди.
Според нив, станува збор само за табла на граничниот премин „Блаце“ која била пуштена во употреба од поранешните директори на Претпријатието за државни патишта.
Изет Меџити ова го оцени како тенденција за дестабилизација.
– Вреди го покри срамот на Демократската унија за интеграција. Таа табла е поставена врз основа на оние 2 километри што беа продолжени таму. Врз основа на проектот предводен од Ејуп Рустеми. Но, ние реагиравме институционално и преку ноќ се исправи грешката на оние кои со години правеа вакви грешки, кои ја користат секоја прилика да ја дестабилизираат политичката ситуација. Покрај тоа што го направи компанијата што го изгради патот, тоа го направи и фирмата што го доби тендерот за сигнализација што е многу блиска до ДУИ, истакна Меџити.